Се очекува во декември да бидеме најдобри во делот на Реформската агенда и Планот за раст
- о делот на Реформската агенда и Планот за раст во Западен Балкан во извештајот во јуни годинава бевме рангирани зад Црна Гора и Албанија, а во декември очекуваме да бидеме прворангирани, истакна денеска министерот за европски прашања Орхан Муртезани.
Скопје, 19 септември 2025 (МИА) - Во делот на Реформската агенда и Планот за раст во Западен Балкан во извештајот во јуни годинава бевме рангирани зад Црна Гора и Албанија, а во декември очекуваме да бидеме прворангирани, истакна денеска министерот за европски прашања Орхан Муртезани.
Тој на денешната средба со новинарите, на која присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски, рече дека во моментов Црна Гора е сконцентрирана на затворање на отворените поглавја, а Албанија, пак, на отворање на нови поглавја. Тоа, како што кажа, е поголема можност земјава да се фокусира на Планот за раст отколку Црна Гора и Албанија и затоа, додаде, очекува на следниот извештај во декември да бидеме најдобри.
-Одлучивме сите закони кои се во Рефрмската агенда откако ќе ги усвои Владата да се испратат на контрола во Европската комисија, а потоа да одат во собраниска процедура. Можеби тоа ќе значи одредено доцнење при нивното носење, но ќе бидеме сигурни дека се во ред, рече Муртезани.
Најголеми забелешки од ЕК, како што посочи, има за Кривичниот законик кој претходната влада го донесе со европско знаменце, особено во делот на членот 353.

Премиерот Мицкоски рече дека нема да се прифатат сите барања од ЕК во делот на законите, особено нема да се префати барањето за либерализација на цената на електричната енергија за домаќинствата, бидејќи, како што посочи, тоа ќе значи зголемување на цената за два до три пати особено во првите три години од либерализацијата.
-Нема да го прифатиме ни барањето за зголемување на средствата за судиите и обвинителите кои во измените на законите бараат за судството да се обезбедат 1,3 отсто од БДП годишно или двојно повеќе отколку што е во моментов. Тоа би значело 100 милиони долари годишно, а за некоја година 250 милиони долари. Лично сметам дека и овие плати што ги земаат во моментов не ги заслужуваат зошто имаат рејтинг од само 2 отсто. Со тоа што го бараат платите на судиите и обвинителите би се движеле од 300 до 350 илјади денари месечно. Затоа побаравме од Министерството за финансии да направи компаративна анализа колку се одвојува за судството во Германија, Хрватска, Унгарија,... и тоа да и го презентираме на ЕК, рече Мицкоски.
Нагласи дека првичните резултати од анализата покажуваат дека во Германија за судството се одвојуваат многу помалку средства од буџетот отколку што се одвојуваат и бараат од нас. вј/дма/
Фото: МИА архива