Се интензивира изградбата на храмот Св. Јован Крстител во пијанечкото село Очипала
- Во пресрет на големиот христијански празник Раѓање на Св. Јован Крстител, кој традиционално се празнува на 7 јули, продолжува изградбата на истоимениот храм во село Очипала, кој веќе неколку години се гради со несебична посветеност на локалното население и донации од верници.
Делчево, 6 јули 2025 (МИА) – Во пресрет на големиот христијански празник Раѓање на Св. Јован Крстител, кој традиционално се празнува на 7 јули, продолжува изградбата на истоимениот храм во село Очипала, кој веќе неколку години се гради со несебична посветеност на локалното население и донации од верници.
Ктиторот на храмот, Ванчо Симовски, информира дека значителен дел од работите се веќе завршени, а во тек е уредувањето на надворешниот простор.
– Уредувањето на надворешниот дел на црквата е при крај. Има луѓе кои ми помогнаа да се уреди просторот каде што седат луѓето додека се служи ручекот, тука планираме и мали скали да направиме. Благодарност до сопствениците на приватна фирма – Мите и Столе од село Град, изјави Симовски.
Тој додаде дека остануваат уште неколку клучни фази до финализирање на изградбата.
– Потребно е потоа и иконостас да се направи, мислам дека нема да чини многу – како и да го уредам просторот околу црквата со поставување крст кој ќе гледа накај Делчево, додаде Симовски.
Карактеристично за ова место кое се наоѓа во селото Очипала е таканаречената света вода, што буди посебен интерес кај посетителите да ја посетат локацијата.
– Ова што го гледате е камен пронајден над црквата – најверојатно тука – каде што, според преданието, луѓето се миросувале уште во време на ранохристијанството, вели Симовски. Патот до црквата, како што истакна, е прооден и има простор да се стигне и со автомобил.
По повод празникот, утре попладне ќе биде организиран и ручек за присутните, за што како ктитор упати отворена покана до верниците кои сакаат да присуствуваат на заедничката прослава. вс/лв/
Фото: МИА