• понеделник, 23 декември 2024

Се изработуваат бисти за 12 младинци стрелани во минатото во Ваташа 

Се изработуваат бисти за 12 младинци стрелани во минатото во Ваташа 

Кавадарци, 5 јуни 2023 (МИА) - Во чест на 12 -те Ваташки младинци, кои во минатото беа стрелани во Ваташа, во тек е изработка на 12 бисти кои ќе бидат претставени на 16 јуни, како и Спомен соба која ќе биде свечено отворена на денот кога се навршуваат 80 години од нивната смрт, информираа денеска од кабинетот на градоначалникот Митко Јанчев.  

Оттаму појаснија дека по тој повод, на 16 јуни ќе има пригодна културна програма за одбележување и оддавање почит за нивната храброст и непокорност. 

Претходно, како што информираше МИА, директорката на Вински музеј Кавадарци, Весела Честоева соопшти дека музејска спомен соба и 12 бисти на стреланите Ваташки младинци подготвува Локална самоуправа Кавадарци во месноста Моклиште. Носител на активностите е кавадаречката општина.  

Честоева како претседателка на Одборот за подигање на споменици,  појасни дека заседавало ова тело и ги разгледало идејните решенија, што пристигнале на јавниот конкурс објавен од Општината. 

- На јавниот конкурс за идејно решение за подигање на 12 бисти на 12 Ваташки другари, пристигнаа четири идејни решенија. За јавниот конкурс за архитектонско здание спомен соба, музеј, посветен на 12 деца, пристигна само еден идеен проект. Одборот заседаваше, направи разгледување и евалуација на пристигнатите идејни решенија и консензуално ги утврдивме првите три награди што беа и дел од јавниот конкурс, за бисти за стреланите младинци. Првата награда ја доби правно лице, со управител Димитар Самарџиев, скулптор од Кавадарци, појасни Честоева. 

Во врска со јавниот конкурс за избор на идејно решение архитектонски монтажен објект спомен соба, пристигнала само една понуда, од Ванчо Недев, магистер по архитектура од Кавадарци, а таа била избрана со консензус од страна на одборот од девет члена формиран од Советот на општината. 

Честоева додаде дека за оваа цел, од општинскиот буџет, се издвоени околу два милиона денари. свд/цр

Фото : Општина Кавадарци 

Остани поврзан