• недела, 22 декември 2024

Се извлекува грчкиот танкер што минатиот месец беше нападнат во Црвено Море

Се извлекува грчкиот танкер што минатиот месец беше нападнат во Црвено Море

Атина, 16 септември 2024 (МИА) – Грчкиот танкер „Сунион“ во сопственост на компанијата „Делта“ што превезува 150.000 тони нафта, а на 21 август беше нападнат во Црвено Море, по што беше предизвикан пожар и сè уште гори, полека се извлекува со помош на реморкер кон северниот дел на морето на безбедна локација, објави грчката новинска агенција АНА-МПА, јави дописничката на МИА од Атина.

Според истите информации, во извлекувањето на танкерот интервенира грчкиот спасувачки брод „Aigaion Pelagos“ во придружба на реморкерот за спасување „Panormitis“, што има можност за гаснење пожари и за отстранување на излеана нафта, како и три воени бродови, од кои едниот е грчката фрегата што учествува во ЕУ операцијата во Црвено Море, како и специјална вооружена група.

Целта на спасувачките екипи, како што пишува АНА-МПА е откако танкерот ќе се закотви да се изгаснат пожарите на палубата, предизвикани од поставувањето експлозив од вооружените групи на Хутите.

Танкерот минатиот месец беше нападнат од Хутите во Црвено Море, а членовите на екипажот, 23 лица од Филипини и двајца руски државјани не беа повредени. ср/ми/

Фото: ЕУ операцијата Аспидес (Штитови)

Остани поврзан