Се гради улица во штипската населба Суитлак
- Почнаа подготвителни активности за изградба на улица низ населбата Суитлак, која ќе ги поврзе домаќинствата со село Љуботен преку месноста Струмина Чешма, најави на денешната прес-конференција градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.
Штип, 2 јуни 2025 (МИА) – Почнаа подготвителни активности за изградба на улица низ населбата Суитлак, која ќе ги поврзе домаќинствата со село Љуботен преку месноста Струмина Чешма, најави на денешната прес-конференција градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.
До пред неколку години овој дел од градот беше викенд зона, но со изградбата на браната на река Отиња има експанзија на изградби на куќи за домување, а жителите немаат изградена патна инфраструктура.
-Во прва фаза наредните неколку денови ќе се работи на еден крак, асфалтирање на еден крак кој води до Струмина чешма, викенд населбата Суитлак. Инвестицијата е на Оптшина Штип, нешто повеќе од еден милион денари се одвоени за асфалтирање на оваа улица која опфаќа неколку викенд куќи, изјави Јорданов.
Втората фаза од проектот опфаќа поврзување на селото Љуботен со крак од кај медицинското училиште во Штип. Во наредниот период со забрзана динамика ќе се работи на патен правец во должина од три километри, кој ќе биде асфалтиран, соодветно уреден и осветлен.
-Повеќе од три километри е патниот правец кој ќе води до Љуботен, една зона која најчесто се користи во овој момент за рекреација, но освен ова перспективно ќе се користи и како сообраќајница имајќи во предвид дека ќе биде едно побрзо поврзување на Општина Штип, рече Јорданов.
Тој посочи дека се работи на неколку локации во Штип, во повеќе населни места, со цел подобрување на патната инфраструктура. вдј/
Фото: МИА