• среда, 20 ноември 2024

Се брише графата „националност“ од изводот на матичната книга на родените, венчаните и умрените 

Се брише графата „националност“ од изводот на матичната книга на родените, венчаните и умрените 

Скопје, 28 февруари 2024 (МИА) - Уставниот суд го укина делот „националност” во три члена од матичната книга на родените, на венчаните и на умрените. Судот оцени дека барањето на овој податок од  граѓаните при впишувањето во матичните книги е во спротивност со темелната вредност на слободно изразување на национална припадност предвидена со Уставот.

- Овој член од Уставот вклучува не само право на поединецот слободно да одлучи да се изјасни за сопствената националност, туку и право да не се изјасни по ова прашање вклучително и да ја промени декларираната националност, што не беше возможно со одредбите кои денеска се укинати, изјави Христина Беловска, портпаролка на Уставниот суд, во изјава за медиуми по денешната седница.

Дополни дека Уставниот суд ја донел одлуката поаѓајќи од фактот дека станува збор за приватно и внатрешно чувство на човекот и никој не може да биде принуден тоа чувство да го манифестира во јавноста и уште повеќе да биде предмет на задолжително институционално администрирање во јавни исправи, со оглед дека Уставот преку член 18 ја гарантира тајноста и сигурноста на личните податоци на граѓаните. 

- Дополнително, преку членот 25 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста, неговиот семеен и личен живот, на достоинството и на угледот, рече таа.

Со оглед на денешната одлука, посочи Беловска, повеќе не постои правен основ во матичните книги за родени, венчани и умрени да се бара податок за националноста. 

Таа потенцираше дека не станува збор за истиот предмет со кој беше поништено Упатството за водење на матични книги.

- Не станува збор за еден предмет, тоа беше засебен предмет, Уставен суд веќе одлучуваш и го поништи. Ова е посебен предмет кој е поднесен на иницијатива на политичка партија „Левица“. Се разгледуваше законот кој што беше донесен во 1995 година, односно тие три ставови од Законот за матична евиденција, рече таа. ар/дма/

Фото: МИА 

Остани поврзан