• среда, 15 мај 2024

Се бара дисциплинска постапка против црногорска новинарка која оправда насилство врз жени

Се бара дисциплинска постапка против црногорска новинарка која оправда насилство врз жени
Подгорица, 25 јануари 2022 (МИА) - Новинарката Јована Божариќ - Станишиќ во утринска програма на РТЦГ на тема насилство врз жените, изјави дека тие понекогаш сами го предизвикуваат мажот „да се однесува како што не треба“, јави „вијести.ме“. Таа го кажа ова во разговор со координаторката на СОС телефон, Билјана Зековиќ. - Не мора секогаш да биде така како што наведовте во примерот. Сакам да кажам, постои и друга страна. Јас се водам според тоа, дека жената, кога е моментот нешто да избегне или да не каже за да не ја испровоцира другата страна, треба да прекине. Има жени кои не прекинуваат, навистина ги има, изјави Божариќ - Станишиќ.

Видео од изјавата на новинарката се прошири на социјалните мрежи. Генералниот директор на Радио телевизија на Црна Гора, Борис Раониќ порача прилогот да се испрати до народниот правобранител на РТЦГ „за да можеме да започнеме процедура“. Поранешниот член на Советот на РТЦГ и активист за човекови права, Бојана Јокиќ смета дека стандардите и принципите бараат избалансираност, а дека во прилогот може да се види обид за оправдување на насилство. Меѓудругото, таа пишува дека „единствено што гледам е тоа дека водителката се обидува да оправда насилство со вообичаената мизогинска реторика што сугерира дека жените се виновни за насилството врз нив, бидејќи тие го предизвикуваат“. - Барам од Советот и раководството на РТЦГ, во склад со пропишаните процедури, да започнат дисциплинска постапка против одговорната и јасно да застанат во заштита на жените и со тоа да ни покажат дека имаме сојузници во јавниот сервис на Црна Гора, додава Јокиќ. бд/ссм/    

Остани поврзан