Сеул: Северна Кореја истрела балистички проектили со краток дострел кон Источното Море
- Северна Кореја утрово истрела повеќе балистички проектили со краток дострел кон Источното Море, познато и како Јапонско Море, јави јужнокорејската новинска агенција Јонхап, цитирајќи ја војската на Сеул.
Сеул, 22 октомври 2025 (МИА) – Северна Кореја утрово истрела повеќе балистички проектили со краток дострел кон Источното Море, познато и како Јапонско Море, јави јужнокорејската новинска агенција Јонхап, цитирајќи ја војската на Сеул.
Јонхап го цитира Генералштабот во Сеул (JCS) кој рекол дека ги открил лансирањата околу 8:10 часот наутро (23:10 часот по Гринич во вторникот). Првично не беа дадени дополнителни детали за лансирањата.
Ова се први ракетни лансирања на Пјонгјанг откако претседателот на Јужна Кореја, Ли Џе Мјунг, стапи на функција на почетокот на јуни. Северна Кореја последен пат лансираше балистички и крстосувачки проектили со краток дострел во мај, потсетува ДПА.
На Северна Кореја ѝ е забрането со резолуциите на ОН да лансира или дури и да тестира балистички проектили од кој било дострел. Ова обично се проектили земја-земја кои исто така можат да бидат опремени со нуклеарна боева глава.
Пјонгјанг значително ги прошири своите тестови на проектили во текот на изминатите години, истовремено заострувајќи ја својата реторика против САД и Јужна Кореја. Исто така, ја зајакна својата воена соработка со Русија. јт/
Фото: МИА архива