• среда, 15 јануари 2025

Сестра Ефимија: Предметот Етиката во религиите развива дух на толеранција, соработка и солидарност

Сестра Ефимија: Предметот Етиката во религиите развива дух на толеранција, соработка и солидарност
Дебар, 18 мај 2021 (МИА) - Фондацијата Конрад Аденауер во соработка со Асоцијацијата на професори по етика во религиите одржа дискусија „ Религијата во образованието – Зошто е важно? во дигитален формат, преку Zoom платформата, со учество на триесетина учесници, професори по предметот Етика во религиите. Тоа беше добра можност да се слушнат нивните ставови околу придобивките од верското образование и статусот на самиот предмет во пресрет на најавените реформи во образованието. Меѓу еминентните учесници од Германија и Хрватска, како и од нашата земја, свое излагање имаше и монахињата Ефимија од манастирот „Свети Георгиј Победоносец“-Рајчица, а која е коосновач и координатор на Асоцијацијата на професори по Етика во религиите. -Темата „Религијата во образованието – зошто е важно?“ е од особено значење за македонското образование и тоа единствено може да се разбере преку искуствата на речиси сите европски земји, каде учењето за религиите во различна форма или модел, а под влијание на одредени општествени и историски околности, е дел од наставната програма на државните училишта. Европа одамна спроведе сериозна дискусија за потребата од религиозно образование во училиштата и стана свесна дека тоа е континуиран и неопходен процес во животот на учениците: процес на очовечување на човекот и поттикнување и негување на неговите позитивни особини. Воедно, ваквиот став е во контекст и на европските заложби за почитување и остварување на човековите прав, рече таа. Додаде дека она со коешто периодов наназад се соочува македонското општество е развивањето на новата платформа за образование и дискусиите околу неа. -Она што нас овде нè интересира е неизвесноста околу опстанокот на предметот Етика во религии во училиштата низ земјава, односно дали тој во некоја друга форма или модел ќе се најде во новиот концепт за образование. Станува збор за единствениот наставен предмет кој 10 години се предава како изборен предмет во шесто одделение, и кој во себе ги инкорпорира сите битни етички и културни сегменти кои ги наведовме погоре, меѓу кои се истакнува: воспитанието преку етиката на религиските системи и запознавањето со религиските култури и традиции карактеристични за македонското поднебје. И додека европските земји се соединуваат во своите концепти за што поголема застапеност на религиите во својот систем на образование, со цел полесно надминување на општествените проблеми и девијации, ние формираме концепти со кои и она малку што го имаме го исфрламе. Зошто? Според нашето искуство, битен фактор е токму непознавањето на тие религиски култури и традиции. Од една страна станува збор за погрешен став околу дефинирањето на односот помеѓу државата и верските заедници, а од друга страна за искривената перцепција околу практикувањето на верските традиции и сфаќањата за животот според нив, нагласи таа. Оценува дека за да се разбие овој некоректен религиски светоглед, потребни се почести јавни дебати и средби помеѓу високите претставници на државата и верските заедници со нивните експерти за да би можела јавноста, односно државата да разбере дека верските заедници не се музеи, не се мртви институции, туку се живи заедници на конкретни личности кои учествуваат во креирањето на здравите општествени политики и процеси. Во овој контекст, рече таа, соработката помеѓу државата и верските заедници е уредена и со закон, кој вели: „Државата го почитува идентитетот на верските организации и со нив воспоставува однос на постојан дијалог и развива облици на постојана соработка (чл. 6)“. -Многу интересно е тоа дека во член 2 од Првиот протокол на Европската конвенција за човекови права, која што е дел од правниот систем и на нашата земја, се вели дека правото на образование не може да му се оспори никому. При извршувањето на своите активности во областа на образованието и наставата, државата е должна да се грижи за заштита на принципот на недискриминација и да го почитува правото на родителите да обезбедат образование и настава согласно своите верски и философски убедувања. Следствено, државата има обврска не само да обезбеди право на образование за секого, туку и право на религиозно образование за секого. Со тоа државата ја извршува својата обврска кон граѓаните, а не кон црквата, верските заедници и религиозни групи. Правото на изучување на религиите, правото на познавањето на нивната историја и развој, правото на учење за сопствената религија, е универзално и цивилизациско право (Каракамишева-Јовановска, Спасеновски, 2018). Религиозното образование е вредност на секое плурално општество, а религијата е дел од националната историја, култура и традиција на секоја земја. За тоа колку е ова важно, особено во нашиот контекст, имајќи ја предвид длабоката вкоренетост на религиите во нашите традиции, но и во современоста, сведочат неколкуте последни анкети на КАС, ИПИС и Религија.мк.посочи сестра Ефимија. Значи, додаде, гледаме дека денес е особено популарно да се зборува за секуларизмот и демократијата, меѓутоа изгледа малку се знае дека сите аспекти поврзани со човековите права и генерално европските вредности на недискриминација, отвореност, слобода на личноста и родова еднаквост, како основни демократски принципи, се принципи кои произлегуваат токму од религиозните вредносни системи (Деловска, 2020). -Овој факт мора непрестајно да го истакнуваме, за да можеме конечно интелектуално да созрееме и да разбереме дека религијата ги опфаќа буквално сите сегменти од човековиот живот, а не само некои, или само до одреден степен. Всушност, таа особено многу придонесува за социјалната сплотеност и кохезија во едно општество. Онаму каде што го нема ова убедување се раѓа нетолеранција меѓу личностите кои треба да живеат заедно во мултикултурната средина и се нагласува фрустрацијата од нееднаквоста наспроти рамноправноста за која зборува и се бори религијата. Во контекст на наведеното е и препораката бр. 1804 од 2007 година на Парламентарното собрание на Советот на Европа, дека: „Образованието е клучот во борбата против игноранцијата, стереотипите и неразбирањето на религиите и нивните лидери“, рече сестрата. Меѓутоа, според неа, во македонското општество сè уште се кршат копјата околу прашањето дали учениците во текот на основното образование треба или не треба да го запознаат не само сопствениот етичко-религиозен систем, туку и оној на другите. -Не зборуваме за тоа дека во текот на образовниот процес во државните училишта на децата ќе им се наметнува да одат на богослужба во храмовите, да кажуваат молитви на час и сл., туку основната цел е да се запознаат со културата и традицијата на којашто припаѓаат. „Не може да се отфрли податокот дека кај нас религијата е на иста линија и со нашата култура, уметност и литература, развивани низ сите векови наназад. Друга култура, уметност и литература, скоро и да немаме“ (Ѓорѓевски, 2018). Следствено, нема да можеме да воспитаме и образуваме напредни генерации доколку не им овозможиме на учениците да си ја запознаат вредносната традиција, посочува таа. Ова го истакна и Европа, рече сестра Ефимија и додаде дека особено во последно време и Франција, која до скоро беше можеби единствената земја без религиско образование во државните училишта. Европа најпосле увиде дека учениците не ја разбираат доволно историјата, културата и уметноста,бидејќи не ја познаваат религијата. -Искрено се надеваме дека прашањето околу поголемата застапеност на Етиката во религиите во македонското образование ќе биде конечно разгледано во едно позитивно светло, без стравови и предрасуди во врска со истото. Воедно ја користиме приликата да го испратиме својот апел до надлежните институции, односно до МОН, да ја отпочнат долгоочекуваната дискусија со професорите по Етика во религии, за да би можеле тие да ги истакнат своите барања пред нив и да им бидат одговорени прашањата во поглед на тоа каде е нивното место во новиот концепт за основно образование. Целта е да не се биде селективен, туку демократичен, да се отворат пристапи и можности за сите заедно да го прифатиме предизвикот на денешната општествена реалност, зашто само заеднички би успеале истата да ја промениме. Неопходно е да бидеме не на маргините, туку во главните текови на животот, таму каде што се создава и гради културата на една епоха, констатира сестра Ефимија. Според неа неопходно е учењето за етиката во религиите да биде во потполност самостоен предмет, а не некаков незабележителен фрагмент кој што е непромислено интегриран во систем каде што не припаѓа. вт/мд/

Остани поврзан