• недела, 22 декември 2024

СЕММ го промовираше Прирачникот за уредувачки насоки и најдобри практики за проверка на факти и безбедносни информации 

СЕММ го промовираше Прирачникот за уредувачки насоки и најдобри практики за проверка на факти и безбедносни информации 

Скопје, 10 октомври 2024 (МИА) – Советот за етика во медиумите на Македонија денеска го промовираше Прирачникот за уредувачки насоки и најдобри практики за проверка на факти и безбедносни информации создаден со цел да ги поткрепи новинарите, уредниците и сите медиумски професионалци со практични алатки и насоки во борбата против дезинформациите. 

Како што информираше претседателката на СЕММ, Билјана Георгиевска, на денешната промоција, авторите на овој прирачник ги лоцираат кревките точки, најчесто цел на дезинформации, давајќи примери за методите и ширењето дезинформации и веќе нанесената штета, овде, кај нас.

- Не знаеме во која насока ќе се одвива дигиталниот развој од аспект на информации, кои ќе бидат главните извори на информации за неколку години, за различни генерации. Но, јасно е дека ваквите околности, во овој момент, нѐ тераат да избереме една од двете крајности, или ништо да не веруваме, или да веруваме на се што ќе ни дојде до рака и се што ќе прочитаме, па уште и да го читаме, рече Георгиевска.

Автори на Прирачникот се новинарот Зоран Бојаровски и Миле Бошњаковски, консултант за стратешки комуникации. 

- Дезинформациите постоеле отсекогаш, но во 21 век, со дигиталната технологија и Интернетот го направи протокот на тие информации многу брз, широко достапен и тоа е големата нова разлика со која се соочуваме денеска и таа никогаш нема да престане, како што никогаш не треба и нема да престане борбата и справувањето со дезинформациите, рече Бојаровски.

Изданието ги содржи најдобрите светски практики и конкретни примери за избегнување на замките на дезинформациите, како и безбедносни препораки за заштита на податоци и информации.

Прирачникот, како што стои во него, е од особена корист за новинарите кои покриваат одбранбени теми, безбедноста на информациите е од витално значење.

- Заштитата на чувствителните податоци и препознавањето на лажните информации бараат дисциплина, обука и употреба на современи алатки и методи. Следењето на овие најдобри практики не само што го штити новинарот и неговите извори, туку и ја обезбедува точноста и интегритетот на информациите што се пласираат во јавноста, стои во прирачникот.

Изданието е поддржано од Амбасадата на САД во Скопје, како дел од проектот „Зајакнување на отпорноста на медиумите против дезинформациите во Северна Македонија“ имплементиран од Советот за етика во медиумите на Македонија. Прирачникот ќе биде достапен во печатено и онлајн издание.ар/са/

Фото/видео: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан