Седумнаесет години од смртта на претседателот Борис Трајковски и членовите на делегацијата
- Со положување цвеќе на гробот и на спомен-обележјата во чест на поранешниот претседател Борис Трајковски денеска ќе биде одбележана 17-годишнината од неговата смрт во авионската несреќа кај Р

Скопје, 26 февруари 2021 (МИА) - Со положување цвеќе на гробот и на спомен-обележјата во чест на поранешниот претседател Борис Трајковски денеска ќе биде одбележана 17-годишнината од неговата смрт во авионската несреќа кај Ротимље во близина на Мостар.
Како што е најавено, претседателот Стево Пендаровски ќе положи цвеќе на гробот на претседателот Трајковски и на вечните почивалишта на загинатите членови на неговата делегација на градските гробишта „Бутел“ во Скопје.
Делегации на Кабинетот на претседателот ќе положат цвеќе и пред спомен-обележјето на местото на несреќата во Ротимље, во близина на Мостар, Босна и Херцеговина и на гробот на еден од членовите на делегацијата, во Велес.
На 21 месецов, 15 планинари од Струмица и Валандово по шеснаесетти пат маршираа во чест на трагично загинатиот македонски претседател. Маршрутата и годинава ја почнаа пред споменикот „Македонија“ во Струмица, подигнат во чест на Трајковски. Заради пандемијата од КОВИД-19 планинарите пешачеа до село Дедино, Радовишко, а денеска ќе поминат уште една етапа во Скопје до гробот на вториот македонски претседател на гробиштата Бутел во Скопје, каде ќе се приклучат на одбележувањето на 17-годишнината од смртта. Освен до Скопје, триесет планинари од Струмица и Валандово пешачеа и по падините на планината Беласица. Тие се искачија на врвот „Ботра“ кој го носи името на Трајковски, на надморска височина од 1.880 метри.