• четврток, 14 ноември 2024

Седница на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците

Седница на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците

Скопје, 18 јули 2024 (МИА) - Во Собранието денеска се очекува Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците да ја продолжи втората седница. Членовите на оваа Комисија ќе продолжат со расправата по Годишниот извештај на Народниот правобранител за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права 2023 година.

На дневен ред се и Годишниот извештај за работата на Агенцијата за администрација за 2023 година, Годишниот извештај за работата на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија за 2023 година и Годишниот извештај за работата на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка за 2023 година.

Народниот правобранител, Насер Зибери вчера ги презентираше главните констатации содржани во Извештајот. Како што информираше Зибери, вкупен број на примени претставки до Народниот правобранител во 2023 година изнесува 2.802 од кои 54 се формирани по сопствена иницијатива.

-Најголем број од овие претставки - 1.100 или 39,26 проценти се однесуваат на повреда на правата од страна на јавните служби и установи, 721 или 25,73 отсто се однесуваат на повреда на правата од страна на централната власт, 331 или 11.81 проценти на повреда на правата од страна на локалната власт, 258 или 9,21 отсто на повреда на правата од страна на судската власт, 190 или 6,78 проценти на повреда на правата од страна на правните лица, 139 или 4,96 отсто на повреда на правата од други субјекти и 63 претставки или 2,29 проценти се однесуваат за повреда на правата од повеќе органи или институции, образложи тој, дополнувајќи дека заедно со пренесените, канцеларијата постапувала по 3.328 предмети.

Зибери информираше дека и оваа извештајна година, најголемиот број на примени/заведени претставки се однесуваа за заштита на правата од областа на правосудството 488 или 17,42 проценти, потоа следат претставките од потрошувачките права 283 или 10,10 отсто,  од работните односи 267 или 9,53 проценти, од областа на детските права 231 или 8,24 отсто, од казнено-поправните и воспитно-поправните установи 166 или 5,92 проценти, од имотно-правната област 164 или 5,85 отсто, од финансиите и финансиското работење 152 или 5,42 проценти, од областа на заштитата на правата при полициски овластувања 141 или 5,03 отсто од урбанизмот и градбата 126 или 4,50 проценти, од граѓанските состојби и други внатрешни работи 123 или 4,39 отсто, од социјалната заштита 106, односно 3,78 проценти, од пензиското и инвалидското осигурување 100 или 3,57 отсто, од обвинителството 63 или 2,25 проценти, од недискриминацијата и соодветната и правична застапеност и здравствената заштита по 50 или 1,78 отсто, од станбените односи 28 или 1,00 процент, од високото образование и науката 24 или 0,86 проценти, од животната средина 21 или 0,75 отсто, заштита на правата на лицата со попреченост 19 претставки,  НП како Механизам за граѓанска контрола 19 претставки или 0,68 проценти, од постапување на НП како пријател на судот 14 претставки или 0,50 отсто, како и други права 167 или 5,96 проценти од претставките.

Најмногу констатирани повреди – 76, како што дополни, се во областа на правосудството, пред сè извршителите, 64 од областа на граѓанските состојби и другите внатрешни работи, 62 во областа правата на детето, 51 од областа финансии.

Што се однесува за општата состојба со почитувањето на човековите слободи и права Народниот правобранител во неколку области констатирал подобрување на состојбите, а во одредени области нотира стагнација или тенденција на влошување.

Како позитивни примери ги издвои решавањето на проблемот со запишување во матичната евиденција, со што за системот/државата голем број на невидливи лица станаа видливи, а со тоа добија можност за остварување на многу права - образование, вработување, лекување, социјална заштита и слично. фф/мч/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан