• сабота, 21 декември 2024

Сега да го имавме воведено еврото, инфлацијата и каматните стапки ќе беа пониски, вели премиерот на Бугарија

Сега да го имавме воведено еврото, инфлацијата и каматните стапки ќе беа пониски, вели премиерот на Бугарија

Софија, 8 септември 2023 (МИА) - Да го имавме еврото денес, инфлацијата ќе беше помала, а каматите ќе беа пониски. Ова го изјави премиерот на Бугарија Николај Денков во емисијата „Повеќе од денот“ на БНТ.

- Замената на левот со евро е она што ќе ги стабилизира приходите на луѓето. Затоа што еврото е стабилна валута која води до пониски каматни стапки од левот во моментов, објасни Денков.

Според неговите зборови, инфлацијата во еврозоната, како и каматните стапки во еврозоната, се околу двојно пониски отколку во Бугарија. „Многу е важно да престанеме да живееме со какви било илузии, туку да се обидеме да видиме што покажуваат вистинските историски факти. Големите валути - доларот, еврото, тие се постабилни на овој план, бидејќи има голем обем што ја стабилизира валутата“, истакна Николај Денков.

„Тезата дека цените во принцип нема да пораснат е апсолутно погрешна. Цените растат, има инфлација“, ги коментираше бугарскиот премиер стравувањата на луѓето дека со воведувањето на еврото ќе пораснат и цените. Според него, важно е приходите да растат побрзо од инфлацијата, пренесува БТА.

„Она што треба да го направиме е прво да имаме пазарна економија, да нема монопол и второ да ги зголемиме приходите на луѓето. Токму тоа го направивме со овој буџет, и ќе го правиме и со следниот буџет“, рече Денков. „До сега со министерот за финансии Асен Василев докажавме дека знаеме како да ги собереме приходите и како да ги зголемимедоходите на луѓето. Тоа го покажавме со неколку буџети, ќе го направиме и со Буџетот за 2024 година“, рече премиерот на Бугарија. ссм/

фото: архива

Остани поврзан