Аун бара директни разговори, а Израел со летоци ги повикува Либанците да му се спротивстават на Хезболах
- Ја изразив мојата подготвеност за преговори, но од друга страна, досега не добивме никаков одговор, изјави Аун по средбата со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во Бејрут
Бејрут, 13 март 2026 (МИА) – Претседателот на Либан, Џозеф Аун изјави дека не добил одговор на неговиот предлог за директни разговори со Израел во услови на тековниот конфликт со Хезболах.
- Ја изразив мојата подготвеност за преговори, но од друга страна, досега не добивме никаков одговор, изјави Аун по средбата со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во Бејрут.
Аун претходно го нарече Хезболах „вооружена фракција“ која „не придава никаква важност на интересите на Либан или животите на неговите граѓани“.
Израел тврди дека Бејрут не презел значајни чекори за разоружување на Хезболах, што го смета за обврска на либанската влада согласно претходно постигнатиот договор за прекин на огнот.
Во меѓувреме, израелски авиони фрлија летоци над Бејрут, со кои го повикуваат цивилното население да се спротивстави на Хезболах.
- Разоружете го Хезболах, иранскиот штит. Одлуката за Либан е ваша, а не на некој друг. Стабилноста не е само збор. Вашата земја ви припаѓа вам, Либанците. Не дозволувајте таа да стане лесен плен за оружјето на иранскиот Хезболах, се наведува во летоците.
Исто така се споменува дека израелската воена единица 504 работи на обезбедување подобра иднина за Либан.
Во летокот се упатува и директен повик за соработка: „Ако сакате да бидете дел од вистинските промени и да придонесете за просперитетот и заштитата на вашата земја, ние сме тука да ве слушнеме“. ми/јт/
фото: МИА архива