• сабота, 21 декември 2024

Северна Македонија учествува на 13. Меѓународен форум за енергија за одржлив развој во Бангкок

Северна Македонија учествува на 13. Меѓународен форум за енергија за одржлив развој во Бангкок

Скопје, 5 декември 2024 (МИА) - Северна Македонија ја зацврстува својата посветеност на правичната енергетска транзиција преку учество на 13-от Меѓународен форум за енергија за одржлив развој што се одржува во Бангкок, Тајланд. Форумот е организиран од петте регионални комисии на Обединетите нации, а се одвива под темата „Праведна енергетска транзиција“. 

На овој Форум, како што информира Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, претставник на ресорното министерство е Елена Ивановска, кабинетски службеник за следење на стратешките приоритети на Владата.

Ивановска учествувала на неколку клучни панели, вклучувајќи ја сесијата за праведни политики за транзиција, каде ги истакнала македонските напори за обезбедување енергетска пристапност за сите граѓани, со акцент на социјалната одговорност и праведност. Таа учествувала и на дискусијата за глобални зелени инвестиции, каде ги претставила можностите за инвестирање во обновливи извори на енергија во земјава, како и нашите планови за зајакнување на енергетската сигурност.

- Учеството на вакви форуми е исклучително важно за Македонија. Оваа платформа ја гледаме како можност да ги истакнеме нашите напори за развој на обновливи извори на енергија и креирање стратегии за енергетска отпорност. Размената на најдобри практики и поврзувањето со експерти од целиот свет ни овозможува да ги зајакнеме нашите капацитети за спроведување на зелени политики и поттикнување економски раст заснован на одржливи принципи, порачала Ивановска. Таа упатила благодарност до UNDP Северна Македонија за поддршката во овозможувањето на учеството на овој форум.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, пак, преку писмо до UNECE (регионална комисија на ООН) која го организира овој форум, иницирала можност Северна Македонија да биде домаќин на следниот Меѓународен форум за енергија и одржлив развој во 2025 година.

- Со ова, земјата ќе се позиционира како регионален лидер во зелената транзиција, покажувајќи ја својата посветеност на меѓународна соработка и одржлив енергетски развој, се вели во соопштението од Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини. мд/лв/

Фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Остани поврзан