• петок, 22 ноември 2024

Северна Македонија и Србија потпишаа Меморандум за соработка за брза пруга од Ниш до Скопје

Северна Македонија и Србија потпишаа Меморандум за соработка за брза пруга од Ниш до Скопје

Белград, 17 ноември 2023 (МИА) - Северна Македонија и Србија денеска потпишаа Меморандум за соработка за воспоставување на железничка мрежа со високи перформанси како дел од железничкиот Коридор 10. 

Меморандумот е потпишан во Владата на Република Србија од страна на министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и српскиот министер за градежништво, сообраќај и инфраструктура Горан Весиќ, во присуство на премиерите Димитар Ковачевски и Ана Брнабиќ, јави известувачот на МИА од Белград.

Во следниот период треба да се формира работна група која ќе треба да го дефинира акциониот план по којшто ќе се работи.

На македонска територија во првата фаза треба да бидат изградени 50 километри, а интенцијата е Коридорот 10 да биде целосно изграден односно до Солун и Атина. Брзината на оваа пруга ќе биде најмалку 160 километри на час. 

- Нашата посветеност за соработка со сите држави од регионот има бенефити за граѓаните и компаниите. Ние немаме толку силни економии како во земјите од Европската унија и затоа е важно да соработуваме затоа што силата е во заедништвото. Наш фокус мора да остане Европската унија бидејќи државите од регионот таму и припаѓаат, рече Ковачевски на прес-конференцијата по потпишувањето на Меморандумот.

Според српската премиерка Брнабиќ, со денешното потпишување на Меморандумот се трасира патот за идниот развој на односите меѓу двете држави. Од српска страна завршена е брзата пруга од Белград до Нови Сад, а до крајот на 2024 година планирано е да се заврши и делот до Суботица така што ќе го имаат завршено целиот дел до Унгарија. 

- Очекуваме до крајот на 2025 година и Унгарија да ја заврши делницата од Будимпешта до Суботица. Продолжуваме да вложуваме во железничкиот Коридор 10 со модернизција на пругата од Белград до Ниш. Нашиот план беше и од Ниш до Прешево, но веќе во последните неколку месеци почнавме да разговараме и оваа делница до Скопје и денес веќе го потпишуваме Меморандумот, рече Брнабиќ. вј/бак/

Фото: МИА

 

Остани поврзан