• петок, 22 ноември 2024

СДСМ со „Рамо до рамо, до победа“ на терен со граѓаните на Прилеп, Битола, Могила, Кичево, Тетово, Ресен, Карпош, Гевгелија и Долнени

СДСМ со „Рамо до рамо, до победа“ на терен со граѓаните на Прилеп, Битола, Могила, Кичево, Тетово, Ресен, Карпош, Гевгелија и Долнени

Скопје, 5 мај 2023 (МИА) – Караванот „Рамо до рамо до победа“ на СДСМ денеска беше на терен со граѓаните на Прилеп, Битола, Могила, Кичево, Тетово, Ресен, Карпош, Гевгелија и Долнени.

Како дел од караванот „Рамо до рамо до победа“ денеска со граѓаните на Битола беше Оливер Спасовски.

- Нашата држава, нашиот народ се исправени пред историска одлука да се продолжи европскиот пат на државата, преку усвојување на потребните реформи. Одговорност за тоа имаат сите 120 пратеници, сите политички субјекти, вклучително и ВМРО-ДПМНЕ. Изборот е едноставен: Интеграција во ЕУ или изолација. А видовме како изгледа изолацијата од 2006 до 2016 година, порача Спасовски во Битола.

Собранието е нашиот храм на демократијата каде на прво место мора да биде она што е во интерес на државата, додаде Спасовски.

-Повикувам на разум, овој период мора да вложиме максимални напори преку парламентарен дијалог да постигнеме консензус за промена на Уставот. Опозицијата мора да се прилагоди на европските услови и самокритички да ги преиспита своите постапки, додаде Спасовски.

Во општина Кичево беше Каја Шукова која пред присутните порача дека земјава веќе станува лидер на Балканот во делот на енергетска трансформација од обновливи извори и дека забрзувањето на европскиот пат ќе донесе пристап до нови фондови и нови проекти за заштита на животната средина и зајакнување на енергетската независност на државата.

Претседателката на Форумот на жени на СДСМ, Јована Тренчевска денеска, како дел од караванот „Рамо до рамо до победа“, беше меѓу граѓаните на општина Тетово.

- На дело покажавме што значи вистинска грижа за граѓаните, за унапредување на стандардот. Со успешни, ефикасни политики ги зголемивме платите во сите сектори, минималната плата од нецели 9.000 денари, ја покачивме на над 20.000 денари. Заедно со пензионерите договоривме методологија за усогласување на пензиите, со која 330.000 пензионери добија покачување од 16 отсто само за една година, а следното зголемување ќе биде во септември, истакна Тренчевска додавајќи дека СДСМ низ социјален дијалог постигна минималната плата и пензиите континуирано да растат,  без тоа да зависи од нечија политичка волја.

Тренчевска нагласи дека СДСМ посветено работи на намалување на невработеноста, која моментално изнесува 14 проценти.

Во Ресен, рамо до рамо со граѓаните, заедно со Мухамет Точи, беше членот на Извршниот одбор на СДСМ Никица Бачовски, кој се осврна на успешните земјоделски политики на СДСМ.

-СДСМ е вистински партнер на земјодлеците. Само за овие два месеци исплативме над 60 милиони евра субвенции кон 78.000 земјоделци. Деновиве на сметките на околу 10.000 корисници легнаа 290 милиони денари дополнителни субвенции за овоштарство, истакна Бачовски во Ресен, додавајќи дека од оваа година субвенциите ќе се исплаќаат авансно, земјоделците ќе ги добијат средствата тогаш кога им се најпотребни.

Бачовски нагласи дека државата е лидер во регионот по искористеност на ИПАРД и веќе започнува новата ИПАРД 3 програма, со која се доделени нови 98 милиони евра, европски неповратни средства за нови инвестиции.

Потпретседателот на СДСМ Фатмир Битиќи денеска беше во општина Карпош како дел од караванот „Рамо до рамо до победа“.

-Имаме силна поддршката од САД и цела Европа за нашите следни чекори за членство во Европската Унија.  Сите наши европски пријатели очекуваат од нас максимална одговорност за државничката одлука што треба да ја донесеме во наредниот период со измените на нашиот Устав. Заеднички е ставот на сите наши пријатели дека со тоа ќе направиме уште еден значаен чекор за просперитет и за европска иднина на сите македонски граѓани. Европа е нашиот дом.  30 години работиме напорно да ја реализираме стратешката цел – полноправно членство во ЕУ. А ЕУ значи повисок животен стандард, нови работни места, подобри услуги за граѓаните и повеќе можности за младите. Затоа, сите политички субјекти треба да се приклучат и да дадат поддршка да продолжи европскиот пат, посочи Битиќи.

Во општина Долнени беше Славица Грковска кои пред граѓаните порача дека годинешниот откуп на тутун и рекордниот износ на субвенции од 26 милиони евра исплатени кон тутунарите се доказ за вистинската грижа на СДСМ за сите земјоделци.

Денеска рамо до рамо со граѓаните на Прилеп беа генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ Вардарски и претседателот на комисијата за транспорт и врски, Митко Трајчулески.    

-Многу долг и трнлив пат сме изоделе и сите премрежја сме успеале да ги надминеме. Сега како народ, како нација и како држава имаме историска шанса да го продолжиме патот кон Европа и за навек да ги затвориме сите национални и идентитетски прашања. Аманетот на нашите предци, преродбеници, револуционери, борци од НОБ, не повикува на заедичка акција за сигурна македонска иднина, тоа е гласот за Европа, рече Зечевиќ.

Ние и како држава и како народ, мора да бидеме на мапата рамноправни европски држави, рамо до рамо со европските државотворни народи, додаде тој.

 -Сами да одлучуваме за себе и за својата иднина, не други да носат одлуки за нас. Да ги браниме и европските вредности ама и македонските национални интереси седнати на големата маса во Брисел. Тоа е современиот македонизам! Затоа е важно да истраеме на вистинскиот, на европскиот пат, да го заокружиме овој процес целосно и до крај. Глас за Европа во Собранието е глас за сигурна македонска иднина, рече Зечевиќ.
 
Ние сме наследниците на делата на партизаните, на Народно ослободителната борба, на АСНОМ, на прогресот! И затоа што СДСМ и во минатото, и сега – во овој исклучително деликатен политички моментум – секогаш била на вистинската страна на историјата! Ние не сме наследници на Ванчо Михајлов, кој бил на погрешната страна на историјата, потенцираше Зечевиќ. аа/

Фото: СДСМ

 

Остани поврзан