• сабота, 21 декември 2024

СВР Битола со потсетување до возачите пред почнување на обврската за задолжителна зимска опрема

СВР Битола со потсетување до возачите пред почнување на обврската за задолжителна зимска опрема

Битола, 12 ноември 2023 (МИА) - СВР Битола ги потсетува возачите на моторни возила дека од 15 ноември треба да поседуваат пропишана и задолжителна зимска опрема на возилото, за безбедно учество во сообраќајот на патиштата.

Во соопштение до јавноста, од СВР-Битола појаснуваат дека како зимска опрема на моторните возила со најголема дозволена маса која не надминува 3.500 килограми се подразбираат зимски пневматици на сите четири тркала, со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од четири милиметри или пневматици со летен профил на сите четири тркала со длабочина на нагазниот слој по обем и широчина, со минимум од најмалку 4 милиметри, ако возилото во приборот поседува синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.

Исто така, како зимска опрема за моторни возила со погон на четири тркала (4×4) се подразбираат зимски пневматици на сите четири тркала, со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од 6 милиметри, како и пневматици со летен профил на сите четири тркала со длабочина на нагазниот слој по обем и широчина со минимум од најмалку 4 милимтери, ако возилото во приборот поседува синџири за снег и во случај кога имаат постојан погон, синџири за снег треба да имаат најмалку за задната осовина, а во случај на преклоплив погон, синџири за снег треба да имаат најмалку на постојано вклучената осовина.

Од СВР-Битола посочуваат дека како зимска опрема на моторните возила со најголема дозволена маса која надминува 3.500 килограми се подразбираат зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од 6 милиметри и пневматици со летен профил на сите четири тркала, со длабочина на шарите на нагазниот слој, по обем и широчина со минимум 4 милиметри, ако возилото во приборот има синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.

Зимски пневматици се оние пневматици кои имаат ознака „MS”,„M+S”, „M & S” и знак на снегулка на стилизирана планина со три врвови.

Во согласност со Правилникот за задолжителна опрема на возилата, во патниот сообраќај на возилата е забрането поставување на пневматици со клинци, предочија од СВР-Битола во денешниот апел до возачите со цел да се придржуваат кон законската обврска за поседување на зимска опрема, која стапува на сила на 15 ноември. мт/вг/

Фото: МИА

Остани поврзан