Свештената бигорска Обител му го честиташе изборот на г. Јован за поглавар на ААПЦ

Дебар, 24 март 2025 (МИА) - Монашкото братство при Свештената бигорска Обител, предводено од Неговото Преосвештенство епископ Антаниски г. Партениј, упати најтопли честитки до г. Јован, новоизбраниот Архиепископ на Албанската автокефална православна црква (ААПЦ), или како што е неговата титула поглавар на Тирана, Драч и на цела Албанија.
-Го молиме Семилостивиот Господ да го укрепи и просветли во неговата возвишена и одговорна пастирска мисија, да му подари духовна сила, мудрост и љубов, за да ја води доверената му света Црква по патеките на Евангелието. Нека неговото архиепископско служење биде благословено и плодоносно, а неговото име запишано меѓу достојните архипастири на Светата Православна Црква. Во духот на братската љубов, се радуваме на неговиот избор и се молиме за него, за неговото стадо и за целата Православна Црква во Албанија. На многаја и благаја лета, стои во честитката.
Неговото Високопреосвештенство Јован (Јоан) Пелуши (68) Синодот на ААПЦ, го избра на 16 месецов. Го наследи архиепископ Анастасиј Јанулатос, кој почина на 25 јануари во болница во Атина а во периодот од 33 години по падот на комунизмот, беше на чело на албанската црква.
Архиепископ Јован, по смртта на г. Анастасиј, беше привремен вршител на оваа должност а претходно 27 години беше митрополит на Корчарската митрополија. вт/дма/
Фото: Бигорски манастир