• понеделник, 23 декември 2024

Свечена церемонија во кумановската касарна по повод примопредавање на должност на SEDM, SEEBRIG и годишнина од формирање на Бригадата

Свечена церемонија во кумановската касарна по повод примопредавање на должност на SEDM, SEEBRIG и годишнина од формирање на Бригадата

Куманово, 31 август 2023 (МИА) - Свечена церемонија по повод примопредавање на должноста претседавач на политичко – воениот управувачки комитет и координативен комитет на SEDM, примопредавање на должноста командант на Бригадата на Југоисточна Европа SEEBRIG и одбележувањето на 24 годишнината од формирањето на бригадата, денеска се одржа во кумановската касарна „Боро Менков“ во присуство на бројни гости од државата и од земјите од регионот.

На свеченоста присуствуваа началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, амбасадори, заменици на министрите за одбрана, замениците на генералштабовите и воените аташеа на земјите учеснички во бригадата.

Претседавањето со политичко – воениот управувачки комитет и координативен комитет на SEDM денеска го презеде државниот секретар и шеф на секторот за одбранбена политика, планирање и меѓународна соработка во романското Министерство за одбрана, Симона Којачару, а новиот командант на Бригадата на ЈИЕ бригадниот генерал Билбил Битри, од албанските вооружени сили ја презеде од досегашниот бригаден генерал Евангелос Митруцикос.

На церемонијата во Куманово, која се совпадна и со 24 годишнината од формирањето на SEEBRIG, се обрати и заменик министерот за одбрана Тирон Јајага. Тој им посака успех на романските претставници во преземањето на SEDM иницијативата во наредните две години, им се заблагодари на претставниците од Бугарија за досегашниот придонес, како и на досегашниот командат, а на новиот му посака успех.

- Денес одбележуваме три години откако штабот на SEEBRIG почна да работи во Куманово и сакам да истакнам дека ми претставува чест што ќе бидеме домаќини на Командата наредните три години. Оваа обврска ние ја прифатиме одговорно. Досега ги реализиравме сите активности кои се однесуваат на поддршката на персоналот и членовите на нивните семејства и тоа ќе го правиме во иднина. 40-тина претставници од шест НАТО армии работатат заедно и придонесуваат кон глобалниот мир и безбедност, а SEEBRIG е и останува да биде инструмент на меѓусебно разбирање, соработка и продлабочување на довербата помеѓу Северна Македонија, Албанија, Бугарија, Грција, Романија и Турција, кажа Јајага.

Којачару истакна дека заеднички, одговорно може да  одговорат на  сите предизвици. Нејзиниот претходник, заменик министерот за одбрана на Бугарија Атанас Запријанов ѝ посака успех на неговата наследничка и изрази уверување дека процесот успешно ќе се менаџира.

Досегашниот командант Митруцикос кажа дека 24 години SEEBRIG ја потвдува заедничката заложба за мир, соработка и поддршка при несреќи, непогоди и му посака успех на новиот командат, Битри кој се заблагодари на претходникот за успесите и кажа дека негова обврска останува SEEBRIG да биде инструмент за меѓусебно разбирање и соработка.

Бригадата на Југоисточна Европа е формирана во 1999 година, врз основа на договорот за регионална соработка на полето на одбраната познат како договор за мултинационални мировни сили на Југоисточна Европа (ММСЈИЕ), кој во 1998 година во Скопје го потпишаа Министрите за Одбрана на: Албанија, Бугарија, Грција, Италија, Северна Македонија, Романија и Турција. Според Договорот за формирање на бригадата, локацијата на Командата на СЕЕБРИГ е на ротациона основа, а нејзини домаќини биле и Пловдив, Констанца, Истанбул и Лариса. Република Северна Македонија е домаќин на командата на бригадата која е лоцирана во Куманово, до 2026 година. ам/цр

 

Фото: МИА 

Остани поврзан