• недела, 22 декември 2024

Свечена академија по повод 24 Мај во Крива Паланка со концерт на Драган Мијалковски

Свечена академија по повод 24 Мај во Крива Паланка со концерт на Драган Мијалковски

Крива Паланка, 24 мај 2024 (МИА) – Свечена академија во организација на Општина Крива Паланка се одржа синоќа, на која беа прогласени најдобрите просветни работници од одделенска и предметна настава од општинските основни и средно училиште, како и најдобрите ученици на генерација, а настанот го збогати концертот на популарниот македонски пејач, роден токму во овој град, Драган Мијалковски.

За значењето на преподобниот Свети Јоаким Крчовски говореше игумен Фотиј од Кумановско-Осоговската епархија, кој рече дека денес се велича апостолскиот подвиг на Крчовски.

-Преку творечкото осмислување на верата ни ја предаде благата вест за Бога, кој го спаси човечкиот род и ни ја дари надежта. Неговото дело го приведе народот кон Бога, а неговата културна просвета како проповедник, просветител и духовник, е придонес за целокупната учителска дејност и ширење на црковната култура чиишто наследници подоцна се браќата Миладиновци, Крсте Петков Мисирков, Блаже Конески... Најзначајно е што неговите дела се пишувани на народен јазик, разбирлив за народот и тој има неприкосновен придонес за подобрување на моралот преку просветлување на народот и поучувањето на децата, рече игуменот Фотиј.

Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, порача дека да се биде учител, професор, воспитувач е најблагородната, најубава, но и најодговорна професија, што подразбира огромна посветеност кон младиот човек, зашто, учителот е светилник што им го покажува патот кон умешноста на подобро живеење.

-Ако треба да поставите некого на пиедестал, тоа се наставниците, тие се хероите на општеството, бидејќи е потребно големо срце за да се помогне во обликувањето на младите умови. Најдоброто нешто во работата на учителот е токму тоа што прави разлика во животот на ученикот преку фактот дека учителот останува запаметен во целиот живот за важните придонеси што ги прави и преку поуките и знаењата, и преку помагањето на учениците да ги реализираат својот потенцијал и своите способности. Затоа вечерва свечено ја истакнуваме учителската работа, го величиме знаењето, зашто општеството се темели на едуцирани и вешти кадри, произлезени од квалитетни воспитно-образовни институции и добри учители, рече градоначалникот на Крива Плаанка, Сашко Митовски, кој им честираше на прогласените најдобри просветни работници за 2023/24 учебна година и учениците на генерација од соновните и средното училиште во градот.

Рече, општината постојано вложува во младите, во училиштата, во услови што придонесуваат за подобар квалитет на процесот на едукација и развој на младите. 

-Постојано работиме на воведување нови програмски буџетски мерки за поддршка на младите што ќе ги поттикнат да бидат уште повредни и мотивирани во секојдневната трка по знаења. Дел од мерките што ќе бидат активни од претстојната година се новитет и носат: по 2.000 денари месечно во текот на цела учебна година за секој средношколец во СОУ „Ѓорче Петров“, за да ги задржиме младите дома, училишни униформи за сите ученици од општината, и од основно и од средно образование, како и бесплатен топол оброк за сите ученици од прво до петто одделение. Покрај тоа, имаме бројни активни мерки и субвенции коишто ги воведовме во изминатите 2 години: 3.000 денари еднократна парична помош за секој матурант од нашата гимназија, 3.000 денари еднократна парична помош за секое прваче од градот, субвенции за набавка на компјутер или таблет за студенти, за набавка на велосипеди, субвенции за превоз на студентим, а продолжуваат мерките за стипендирање на талентирани млади ученици и спортисти, додаде Митовски.

За најдобар наставник од одделенска настава беше прогласена Живка Стоилковска од ООУ „Илинден“ Крива Паланка, која порача дека ако работите со деца, тоа не е работа, туку живот разигран и убав.

За најдобар предметен наставник беше прогласен Мирослав Ивановски од ООУ „Св.Јоаким Крчовски“ , професор по физичко и здравствено образование, според кого - денес, повеќе од кога било, е значајно да се акцентира и потенцира важноста на физичката активност кај младите, особено во возраста на развој.

За ученички на генерација беа прогласени: Горана Симонова од СОУ „Ѓорче Петров“, Ивана Младеновска од ООУ „Св.Јоаким Крчовски“ и Теодора Станковска од ООУ „Илинден“.

Свеченоста ја збогати концертот на Драган Мијалковски, кој инаку е роден во Крива Паланка, а приреди несекојдневен музички времеплов за публиката во придружба на бендот предводен од Дамир Имери, оркестарот од „Златна бубамара на популарноста“.

Бардот на македонската поп-музика ја носеше публиката низ неговата музичка биографија преку акорди и ноти, патувајќи од 70-те години на минатиот век со "Кажи ми", "Оди си", "Моја малечка гулабице", преку популарните евергрини "Кажи нешто драга", "Гитаро моја", 223-305" до хитовите од неговиот нов албум. 

Свечената академија со концерт на Драган Мијалковски е дел од манифестацијата "Крива Паланка - Град на културата". ид/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан