• петок, 05 декември 2025

Светска премиера на „Море сокол пие“ на фестивалот „PianoLab“ во Италија

Светска премиера на „Море сокол пие“ на фестивалот „PianoLab“ во Италија

Скопје, 14 август 2025 (МИА) - На деветтото издание на реномираниот PianoLab фестивал, македонскиот тенор со светска кариера Благој Нацоски и италијанскиот пијанист Андреа Скалцо ја претставија светската премиера на композицијата „Море сокол пие“ од композиторката Дарија Андовска.

Ова дело, специјално напишано за Нацоски, беше изведено во рамки на маратонот „Suona con noi“ — централен настан на фестивалот кој се одржа на 11 и 12 август во Мартина Франка, со 20 концерти на три различни локации.

Како што стои во соопштението од композиторката Андовка, рециталот на Нацоски и Скалцо бил музичко патување низ дела од Хендл, Белини, Тости, Пучини, Масне и Бритн, кулминирајќи со премиерата на „Море сокол пие“, инспирирана од македонското музичко наследство.

PianoLab, организиран од La Ghironda APS, е мобилен фестивал кој од 2017 година ги обединува музиката и архитектурата преку концерти на историски локации во регионот Пулија и Матера. Фестивалот го слави пијаното како „крал на инструментите“, привлекувајќи професионалци, студенти и ентузијасти од целиот свет.ар/вј/

Фото: Постер

Остани поврзан