• петок, 12 јули 2024

Свети апостоли Петар и Павле (Петровден)

Свети апостоли Петар и Павле (Петровден)

12 јули (29јуни) 2024

Македонската православна црква и верниците денеска го одбележуваат Денот на светите апостоли Петар и Павле. Со Петровден завршува еден од четирите повеќедневни пости во годината, кој е врзан за празникот на Апостолите.

Црквата го празнува овој ден на 12 јули секоја година, а следниот ден е соборниот празник на Дванаесетте големи Апостоли заедно ...

Апостолот Петар се прославува како образец на цврстата и искрена вера, а Павле како оној кој најмогу се потрудил во проповедањето на распнатиот и воскреснат Исус Христос. Инаку тие, како и сите останати апостоли, имаат свои посебни празници во текот на богослужбеното годишно време.

За православните христијански верници кои се водат според Јулијанскиот календар денеска почнува Петровденскиот пост во чест на светите апостоли Петар и Павле и му претходи на празникот Петров

Светиот апостол Петар „Син Јонин, брат на Андреј Првоповиканиот, од племето Симеоново, од градот Витсаида. Беше рибар и прво се викаше Симон, но Господ благоизволи да го нарекува Кифа или Петар“ (Јован 1, 42).

Прв од учениците јасно ја изрази верата во Господ Исус, велејќи: „Ти Си Христос, Син на Живиот Бог“ (Матеј, 16, 16). Љубовта кон Господ му беше голема, а во верата се утврдуваше постапно.

Кога Го изведоа Господ на суд, Петар трипати се одрече од Него, но само еден поглед на лицето Господово го исполни со срам и покајание. По слегувањето на Светиот Дух стана бестрашен и снажен проповедник на Евангелието. После една негова беседа во Ерусалим се обратија околу три илјади души. Го проповедаше Евангелието ширум Палестина и Мала Азија, Илирик и Италија.

Вршеше големи чуда: лечеше болни, воскреснуваше мртви, дури и од неговата сенка се исцелуваа болните. Имаше голема борба со Симон Волхот, којшто се прикажуваше за бог, а всушност беше слуга сатанин. Најпосле го посрами и го победи. На заповед на свирепиот цар Нерон, којшто беше пријател на оној Симон, Петар беше осуден на смрт. Откако го постави Лин за епископ на Рим и го посоветува и утеши стадото Христово, Петар радосно појде да прими смрт.

Кога виде пред себе крст, ги замоли џелатите да го распнат главечки, бидејќи се сметаше себеси за недостоен да умре како неговиот Господ. Така се упокои и прими венец на вечна слава великиот слуга на великиот Господ.

Светиот апостол Павле е роден во Тарс, од племето Венијаминово. Прво се викаше Савле, учеше кај Гамалиил, беше фарисеј и гонител на христијаните. Во христијанската вера беше обратен преку чудо од Самиот Господ, Којшто му се јави на патот за Дамаск. Крстен од апостолот Ананија. Му се даде името Павле и беше приброен кон службата на големите апостоли.

Со пламена ревност го проповедаше Евангелието секаде, од границите на Арабија до Шпанија, меѓу Евреите и незнабошците. Го нарекоа апостол на незнабошците. Колку што беа страшни неговите страдања толку беше натчовечко неговото трпење.

Низ сите години на неговото проповедање како на тенок конец висеше ден за ден меѓу животот и смртта. Откако сите денови и ноќи ги исполни со страдања за Христа, откако на многубројни места ја устрои Црквата и откако ја достигна таа мера на совршенство што можеше да рече: „не живеам веќе јас, туку Христос живее во мене“, беше убиен со меч во Рим, во времето на царот Нерон, кога и апостолот Петар.

(Од верскиот календар на МПЦ-ОА)

Остани поврзан