• среда, 20 ноември 2024

СБ на ОН побара од Гутереш насоки за натамошно постапување со талибанците

СБ на ОН побара од Гутереш насоки за натамошно постапување со талибанците

Њујорк, 17 март 2023 (МИА) - Советот за безбедност на Обединетите нации побара од генералниот секретар Антонио Гутереш да даде независна проценка за начинот на справување со администрацијата на авганистанските талибанци и борбените предизвици, особено кога станува збор за кршење на правата на жените и девојките.

Колективниот 15-член совет едногласно усвои резолуција со која се бара од Гутереш да поднесе извештај до средината на ноември со „идни препораки за интегриран пристап до релевантните политички, хуманитарни и развојни актери, внатре и надвор од Обединетите нации“, пренесуваат британските медиуми.

Талибанската администрација, која ја презеде власта во август 2021 година, кога силите предводени од САД по 20 години контрола на теренот се повлекоа од Авганистан, вели дека ги почитува правата на жените во согласност со нејзиното строго толкување на исламскиот закон.

Меѓутоа, таа им забранува на жените и девојчињата да посетуваат средно училиште и универзитет, да посетуваат паркови и да работат за хуманитарни групи. На жените, исто така, не им е дозволено да излегуваат од дома без да бидат придружувани од машки роднина и мора да го покријат лицето, потсетуваат британските медиуми.

Амбасадорката на Обединетите Арапски Емирати во ОН, Лана Нусеибех, изјави дека „статус квото не е одржливо“.

-Советот реагира внимателно и одмерено на тешката криза и во принцип вообичаениот пристап не е доволен за Авганистан, рече Нусеибех.

Во резолуцијата, Советот за безбедност изрази загриженост поради недостатокот на напредок во очекувањата од талибанската администрација. Тој, исто така, ја нагласува „важноста од целосно, еднакво и значајно учество на жените и почитување на човековите права, вклучувајќи ги жените, децата, малцинствата и особено ранливите категории“.

Обединетите нации побараа 4,6 милијарди долари во 2023 година за да испорача помош во Авганистан, истакнувајќи дека две третини од населението на земјата, или околу 28 милиони луѓе, се борат да преживеат. сд/

Остани поврзан