• вторник, 21 јануари 2025

СБУ: Шефот на психијатрискиот оддел на украинската војска уапсен за корупција

СБУ: Шефот на психијатрискиот оддел на украинската војска уапсен за корупција

Киев, 21 јануари 2025 (МИА) – Шефот на психијатрискиот оддел на украинските вооружени сили е уапсен под сомнение за корупција, јави ДПА.

Украинската безбедносна служба (СБУ) денеска соопшти дека богатството на осомничениот се зголемило за речиси еден милион евра од почетокот на руската агресивна војна во 2022 година, пренесе германската агенција.

Киевските медиуми истакнаа дека главниот армиски психијатар е и заменик-шеф на Централната медицинска комисија која одлучува за подготвеноста за воена служба.

СБУ наведува дека уапсениот од 2022 година се здобил со куќа, три стана, две парцели и четири автомобили, а ново стекнатиот имот не му бил пријавен бидејќи сопственоста врз нив ја префрлил на членови на семејството.

ДПА потсетува дека поради војната десетици илјади Украинци се обидуваат да ја избегнат воената служба и дека многу случаи на корупција се откриени во канцелариите за регрутирање или меѓу медицинските комисии. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан