• понеделник, 04 ноември 2024

Санчез одлучи да продолжи да ја извршува функцијата премиер на Шпанија

Санчез одлучи да продолжи да ја извршува функцијата премиер на Шпанија

Мадрид, 29 април 2024 (МИА) – Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска изјави дека одлучил да остане на функцијата, која ја извршува од летото 2018 година, и покрај отворената истрага против неговата сопруга за можна корупција.

- Решив да продолжам, со уште поголема сила на чело на владата … Тие се обидуваат да ме скршат поради тоа што сум … Мојата сопруга и јас знаеме дека оваа дискредитирачка кампања нема да престане. Оваа злоупотреба ја трпиме 10 години, изјави Санчез на прес-конференција на која на новинарите не им беше дозволено да поставуваат прашања за време на обраќањето

Санчез (52), лидер на Шпанската социјалистичка работничка партија (ПСОЕ) на 24 април ги суспендираше сите должности за да „размисли“ пет дена дали да остане на функцијата поради „лажни обвинувања“ и „напади врз неговата сопруга“.

На 16 април, судијата во Мадрид отвори истрага против Бегоња Гомез (49) врз основа на текстови објавени во онлајн весникот „Ел Конфинденциал“ (El Confidencial). Таа е осомничена дека напишала препорака до приватни компании кои аплицирале на јавни тендери, а исто така и за односот со авиокомпанијата „Ер Европа“ во текот на 2020 година, додека таа авиокомпанија била спасена од Владата со народни пари. Сопругата на Санчез е раководител на постдипломски студии за претприемништво на јавниот универзитет Комплутенсе во Мадрид. Истрагата треба да утврди дали имала конфликт на интереси.

Пријавата до судот ја поднесе синдикатот Манос Лимпијас (Чисти раце), кој Владата го обвинува за припадност на „екстремната десница“ и учество во „обидот за уривање на власта“.

Државниот правобранител, кој беше назначен од кралот во 2022 година на предлог на Владата на Санчез, побара завршување на истрагата минатата недела, наведувајќи дека „нема индиции за кривично дело“.

Десничарската опозициска Народна партија и Вокс побараа од Санчез да „одговори“ и го обвинија за „притисок врз судовите“. ми/

фото: ЕПА

Остани поврзан