• понеделник, 23 декември 2024

Санчез доби поддршка од каталонските сепаратисти за формирање на влада

Санчез доби поддршка од каталонските сепаратисти за формирање на влада
Мадрид, 3 јануари 2020 (МИА) – Шпанскиот премиер Педро Санчез најверојатно ќе добие доволна поддршка во Парламентот за формирање на левичарска коалициска влада откако вчера Каталонската републиканска левица (ЕРЦ), партија која заговара отцепување на Каталонија од Шпанија, соопшти дека ќе ја поддржи владата. Шпанската социјалистичка работничка партија (ПСОЕ) на премиерот Санчез освои најголем број гласови на парламентарните избори во ноември, но не доволно за самостојно да формира влада. ПСОЕ доби 120 пратеници од вкупно 350 места, а за формирање на влада потребни се 176 мандати. Санчез потоа договори коалициска влада со левичарската Унидас Подемос, но се уште немаше потребен број пратеници. Санчез, кој е против референдум за независност на Каталонија повикувајќи се на шпанскиот Устав, последните недели водеше преговори со ЕРЦ. ЕРЦ вчера одржа интерно гласање и одлучи да се воздржи од гласање за влада, со што му овозможи на Санчез да формира влада. Првиот круг од гласањето ќе се одржи во недела на 5 јануари и најверојатно Санчез ќе добие поддршка од 176 пратеници. Но, два дена подоцна на 7 јануари ќе се одржи вториот круг од гласањето, кога ќе бидат потребни повеќе гласови „да“ во однос на „не“ без оглед колку пратеници ќе гласаат. Ако ЕРЦ се воздржи од гласање тогаш ќе има повеќе гласови „да“. Не се познати деталите од договорот помеѓу ПСОЕ и ЕРЦ. Шпанската десница го обвини Санчез за предавство откако склучи договор со најголемата партија која заговара отцепување на Каталонија, покраина со 7,5 милиони жители. Лидерот на ЕРЦ, Ориол Жункерас, поранеше потпретседател на каталонската влада е во затвор откако во октомври беше осуден на 13 години затвор поради организирање на референдум за независност на Каталонија, што беше забрането од Уставниот суд на Шпанија. Тој подоцна учествуваше во прогласување на република Каталонија, која не заживеа во реалноста. ми/

Остани поврзан