• понеделник, 23 декември 2024

Самостојната изложба „Земја“ на Бојана Артиновска Трпческа

Самостојната изложба „Земја“ на Бојана Артиновска Трпческа
Скопје 4 октомври 2022 (МИА) - Во КСП Центар - Јадро вечер, со почеток во 20 часот, ќе биде отворена самостојната изложба „Земја“ на уметницата Бојана Артиновска Трпческа. Трпческа создава комбинација од повеќе стилови преплетувајќи ги во различни теми. Таа интуитивно и јасно ја согледува важноста и моќноста на карактеристиките на женскиот принцип и притоа, суптилно ја толкува и изразува преку тонски богата палета на бои и нивната суптилна транзиција. Во сопственото творештво ја воспоставува космичката рамнотежа во архетипскиот танц меѓу машкиот и женскиот принцип. Бојана Артиновска Трпческа е родена во Велес во 1977 година, каде завршува основно и средно образование. Факултет за ликовна уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје завршува на отсек сликарство и сценографија. Од 2000 до 2003 година живее и работи како слободен уметник во САД. Во 2008 година во Музејот на НОБ во Крушево ја реализирала својата прва самостојна изложба на манифестацијата„10 Дена Крушевска Република“ под наслов, „Во МЕНЕ“. Додека втората самостојна изложба ја реализирала во 2011 година во ликовната галерија во Прилеп, насловена „Гозба“. На отворањето ќе се оддржи и поетки перформанс со авторите Тихомир Јанчовски, Елена Пренџова, Марија Г. Вардарска и Горазд Китановски.свс/мд/

Остани поврзан