• понеделник, 23 декември 2024

Сакавме да го отсликаме внатрешниот психолошки свет на ликовите, велат кинематограферите на филмот „Зад сувите треви“

Сакавме да го отсликаме внатрешниот психолошки свет на ликовите, велат кинематограферите на филмот „Зад сувите треви“

Битола, 26 септември 2023 (МИА) - Во филмот „Зад сувите треви“ сакавме да го отсликаме внатрешниот психолошки свет на ликовите. Целта беше да го претставиме темнилото што го носи главниот лик, и да помогнеме да се потенцира таа наративна линија со светлото и со движењата на камерата, рече кинематограферот Куршат Уресин на денешната заедичка прес-конференција со неговиот колега Џевахир Шахин, кои заедно работеа на овој филм во режија на Нури Билге Џејлан.

„Зад сувите треви“ е драмски филм на турски јазик кој синоќа имаше проекција во Центарот на култура во Битола, во рамките на 44. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

На прес-конференцијата во Битола, кинематограферот Џевахир Шахин посочи дека филмот е снимен на три локации во различно време. Дел од локациите се снимани во зима, а дел во лентиот период. Снимаа и на отворено и во студио. 

Во филмот се прикажуваат и фотографии од ликовите. Како што објасни Уресин, дел од фотографиите што беа прикажани за време на филмот се делата на режисерот и неговата сопруга, кои се познати фотографи во Турција.

-Веднаш по читањето на сценариото и разговорите со актерите и со режисерот, првото прашање што го поставивме беше со кој објективи ќе се снима. Што се однесува до осветлувањето, режисерот Нури веќе има воспоставено одреден стил, па се прилагодивме практично на нешто што веќе ни беше познато, рече Уресин.

Тој објасни дека најзначајното нешто што сакаа да го претстават во филмот е да се долови „темнилото“ на главниот лик, па така одлучија главниот лик Самет секогаш да биде во сенка, за разлика од останатите ликови кои се осветлени.

Во однос на самите ентериери и декорот што е сниман во студиото, се обиделе да бидат што е можно пореалистични, но воедно и да се потенцира темнината што ја носат ликовите, особено главниот лик.

-Имајќи предвид дека училиштето е едно од најважните бирократски институции, сепак ние го претставувавме како растурено, исто и во домот на професорите се беше расфрлено. Сакавме да го отсликаме внатрешниот психолошки свет на ликовите, додаде кинматограферот.

Во главните улоги се Дениз Челилоглу, Мерве Диздар и Мусаб Екичи. Во филмот се прикажува животот на учител кој работи во руралните делови на источна Анадолија со надеж дека ќе се пресели во Истанбул, но во меѓувреме ќе биде обвинет за злоупотреба на ученик.

Филмот беше премиерно прикажан на Канскиот филмски фестивал во 2023 година.

Фестивалот „Браќа Манаки“ ќе се прикажува во Битола до 29 септември.бт/цр

Фото/МИА

 

 

 

Остани поврзан