• четврток, 24 јули 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Саем за промовирање на локалниот развој – ЛАГ Експо 2023

Саем за промовирање на локалниот развој – ЛАГ Експо 2023

Скопје, 16 септември 2023 (МИА) - Тимот на Програмата на УСАИД за развој на заедницата, имплементирана од Мрежата за рурален развој на Северна Македонија, во соработка со ЛАГ Бојмија, денеска напладне на  платото пред и во Народниот театар во Гевгелија, организира саем за промовирање на локалниот развој – ЛАГ Експо 2023.

ЛАГ Експо се одржува вторпат и е единствен од ваков тип во земјата каде низ презентации и панел дискусии претставници на Локалните акциски групи (ЛАГ-ови) од нашата и од земјите од Западен Балкан и земјите членки на ЕУ ќе ги претстават своите активности и ќе дискутираат за теми кои ги засегаат руралните заедници, а се поврзани со одржливиот развој.

Во рамки на ЛАГ Експо 2023 се организира и саемска изложба каде членовите на ЛАГ-овите Бојмија, Беласица-Огражден, Малеш-Пијанец, Абер 2015 и Плачковица ќе ги претстават своите производи, рачни изработки и иницијативи.

-Целта на ЛАГ Експо 2023 е да се споделат искуствата на домашните и регионалните Локални акциски групи, согласно LEADER пристапот и локалните производители да се поврзат со претставници од повеќе индустрии и дејности што ќе придонесе за воведување нови бизнис практики и нови соработки. Се очекува овој саем да прерасне во традиционална годишна активност во источниот дел на државата која ќе го стави на мапата на успешни приказни од регионот и ќе биде носител на развојот на технологијата, иновациите, етичките бизнис практики и развојот на човечки ресурси, соопшти организаторот на настанот.

На саемот ќе се обратат Андон Сарамандов, градоначалник на Гевгелија, Петар Ѓоргиевски, претседател на Мрежата за рурален развој на Северна Македонија и Балканската мрежа за рурален развој, и претставник од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. 

ЛАГ Експо 2023 се реализира со поддршка на Програмата на УСАИД за развој на заедницата, имплементирана од Мрежата за рурален развој на Северна Македонија, во соработка со пет Локални акциски групи. хс/аа/

Фото: Мрежа за рурален развој на Северна Македонија

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан