• понеделник, 23 декември 2024

САД ќе ставаат на црна листа и лица во Грција што работат против Договорот од Преспа

САД ќе ставаат на црна листа и лица во Грција што работат против Договорот од Преспа
Скопје, 18 јуни 2021 (МИА) - Оние што работат против Договорот од Преспа и во држави надвор од Западниот Балкан, вклучувајќи ја и Грција, ќе може да се најдат на црна листа на САД. Ова за Гласот на Америка го изјавил портпарол на Стејт департментот, одговарајќи на прашањето дали администрацијата на Бајден планира да ги прошири санкциите и кон лица од други држави, конкретно од Грција, која е потписник на Преспанскиот договор, поради што и подлежи на одредени обврски за негова имплементација.
-Извршната наредба 14033 дозволува санкции против оние што ја потценуваат стабилноста на Западниот Балкан, каде и да се наоѓаат, под услов да ги исполнуваат релевантните критериуми за таргетирање, рекол  портпарол на Стејт департментот. Тој на почетокот на неделава, во одговор за Гласот на Америка, исто така, истакнал дека одлуките за додавање нови имиња на црна листа се „предмет на внимателен, дисциплиниран процес, и важи само во најсериозни случаи“. На прашањето дали извршната наредба на Бајден опфаќа и граѓани кои јавно се спротивставуваат на Договорот од Преспа на социјалните медиуми, портпаролот тогаш истакнал дека намерата на САД не е да се спречат приватни лица да изразуваат мислење и оти САД охрабруваат силна дискусија и дебата меѓу граѓаните глобално и на Западниот Балкан. Тој нагласил дека „извршната наредба е алатка да се таргетираат оние што ја поткопуваат стабилноста на Западниот Балкан, и помага да се зацврсти основата за мир, безбедност и стабилност во регионот“. -Извршната наредба се однесува на постапки кои ги потценуваат демократските процеси, на обиди за прекршување, опструкција или закана за имплементација на меѓународни мировни договори, учество во сериозна злоупотреба на човекови права, или корупција, меѓу други активности, рекол за ВОА портпаролот. Претседателот Џо Бајден, на почетокот на месецов, донесе извршна наредба за замрзнување имот и забрана за влез во САД на лица кои претставуваат закана по безбедноста и мирот на секоја држава на Западен Балкан. Санкциите ќе се однесуваат и на оние лица, кои, меѓудругото, се одговорни или вклучени во попречување на имплементацијата на Договорот од Преспа од 2018 година, и Охридскиот рамковен договор од 2001 година. Извршната наредба ќе опфаќа и лица кои директно или индиректно се вклучени во корупција, злоупотреба на јавни фондови, поткуп и слично. сст/мч/  

Остани поврзан