САД ја укинуваат својата одвоена Канцеларија за палестински прашања во Ерусалим
- Администрацијата на претседателот Доналд Трамп соопшти дека САД ќе ја укинат својата посебна Канцеларија за палестински прашања во Ерусалим.
Вашингтон, 7 мај 2025 (МИА) – Администрацијата на претседателот Доналд Трамп соопшти дека САД ќе ја укинат својата посебна Канцеларија за палестински прашања во Ерусалим.
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, изјави дека целосно ги спојува одговорностите на Канцеларијата за палестински прашања со другите делови на Амбасадата на САД, изјави портпаролката на Стејт департментот, Теми Брус.
Таа рече дека таа одлука не одразува промена на политиката кон Палестинците, туку е во рамките на реорганизацијата на Стејт департментот.
За време на својот прв мандат, Трамп ја премести Амбасадата на САД од Тел Авив во Ерусалим. Тој истовремено го затвори Бирото за палестински прашања, еден вид конзулат во Ерусалим кај Палестинците.
Претходникот на Марко Рубио, Ентони Блинкен, се обиде повторно да го отвори конзулатот, додека истовремено ја задржа амбасадата во Ерусалим, но Израел се спротивстави на тоа.
Американците потоа го поставија Бирото за палестински прашања во рамките на комплексот на амбасадата, и тоа одделно контактираше со Вашингтон.
Затворањето на тоа независно Биро се случува во време кога Израел спроведува офанзива во Појасот Газа како одговор на терористичкиот напад на Хамас на израелска територија на 7 октомври 2023 година. јт/
Фото: Канцеларија за палестински прашања во Ерусалим на Фејсбук