САД: Сафир ал Адел е новиот лидер на Ал Каеда
- САД: Сафир ал Адел е новиот лидер на Ал Каеда
Вашингтон, 16 февруари 2023 (МИА) – Се верува дека египетскиот екстремист Сафир ал Адел е новиот лидер на терористичката организација Ал Каеда, соопшти американскиот Стејт департмент.
Оценката на Вашингтон „се совпаѓа“ со извештајот на ОН објавен пред три дена во Советот за безбедност на ОН.
- Според извештајот, се чини дека Адел моментално е во Иран. Што се однесува до неговото присуство таму, нудењето засолниште за Ал Каеда е само уште еден пример за широката поддршка на Иран за тероризмот, неговите дестабилизирачки активности на Блискиот Исток и пошироко, изјави портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс.
Во извештајот на експертите на ОН се наведува дека Адел „сега де факто е лидер“ на Ал Каеда, но не може да биде прогласен за лидер поради тоа што авганистанските талибанци не ја признаваат смртта на Ајман ал Завахири во Кабул, како и присуството на Адел во Иран.
Ал Каеда, терористичката група која ја презеде одговорноста за нападите од 11 септември во САД, официјално е без лидер откако Завахири беше убиен во Авганистан во американски воздушен напад минатиот август. Завахири ја презеде функцијата во 2011 година откако Осама бин Ладен беше убиен од американските специјални сили во неговото скривалиште во Пакистан.
Адел, поранешен египетски полковник, е баран од ФБИ поради вмешаност во бомбашките напади врз американските амбасади во Танзанија и во Кенија во 1998 година.
ФБИ го опишува Адел како „висок лидер на Ал Каеда и водач на Комитетот Хитин, кој ги насочува и координира транснационалните активности на групата“.
Американската влада нуди награда до 10 милиони долари за информација што ќе доведе до негово апсење. ми/