• петок, 05 декември 2025

САД: Конго и Руанда поднесоа нацрт мировен договор за источно Конго

САД: Конго и Руанда поднесоа нацрт мировен договор за источно Конго

Гома, 6 мај 2025 (МИА) - Демократска Република Конго и Руанда вчера доставија нацрт-мировен договор до САД како дел од процесот предводен од Вашингтон, што може да доведе до прекин на борбите во богатиот со руда источен дел на Конго, изјави американски функционер.

Високиот советник на американскиот претседател Доналд Трамп за Африка и Блискиот Исток, Масад Булос, напиша на социјалните мрежи дека ја поздрави нацрт-резолуцијата „добиена и од Конго и од Руанда“ и ја нарече „важен чекор“.

Деталите од овој документ не се познати, па затоа не е познато дали на САД им бил понуден полесен пристап до клучните минерали на исток од Конго, што претседателот на Конго, Феликс Цисекеди, го спомена во замена за помош од САД во смирувањето на непријателствата во неговата земја.

Тивката, но смртоносна војна во источен Конго, во близина на границата со Руанда, трае со децении, при што десетици вооружени групи се борат за територија во регионот богат со минерали, кој има бројни рудници.

Конфликтот ескалираше во јануари кога бунтовничката група М23, поддржана од Руанда, го освои стратешкиот град Гома, а во февруари и градот Букаву.

Само во овие борби загинаа 3.000 лица, се појави една од најголемите хуманитарни кризи во светот, а околу седум милиони лица беа раселени, од кои 100.000 луѓе само оваа година.

Конго е најголемиот светски производител на кобалт, што се користи во литиум-јонските батерии за електрични возила и паметни телефони. Оваа африканска земја има значителни резерви на злато, дијаманти и бакар.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан