• недела, 22 декември 2024

САД вознемирени од изваштајот на ХРВ дека саудиските граничари убиле стотици мигранти

САД вознемирени од изваштајот на ХРВ дека саудиските граничари убиле стотици мигранти

Вашингтон, Лондон, 21 август 2023 (МИА) - Американските власти денеска соопштија дека се вознемирени од извештајот на организацијата Хјуман Рајт Воч (Human Rights Watch), според кој саудиските граничари убиле стотици мигранти, главно Етиопјани, по шот официјален Вашингтон повикува на истрага за случајот, пренесуваат француските медиуми.

-На саудиската Влада и ја изнесовме нашата загриженост  за овие наводи, изјави портпаролот на Стејт Департментот, додавајќи дека „ги повикуваме саудиските власти да спроведат темелна и транспарентна истрага и да ги почитуваат нивните меѓународни обврски“.

Би-би-си денеска јави дека „Хјуман Рајтс Воч“ во својот најнов извештај, ги обвини граничарите на Саудиска Арабија за масовно убивање мигранти долж границата со Јемен.

Во извештајот се наведува дека стотици лица биле убиени, главно Етиопјани, кога минувале низ Јемен, земја разурната од војната, за да стигнат до Саудиска Арабија.

Дел од мигрантите тоа го потврдиле за Би-би-си, додавајќи дека и самите биле повредени и дека биле присутни кога биле убиени луѓе.

Саудиска Арабија претходно ги отфрли обвинувањата за систематски убиства.

Извештајот на ХРВ, насловен „Испукаа врз нас дожд од куршуми“, содржи експлицитни сведоштва на мигранти дека саудиската полиција и војници пукале во нив, а понекогаш и фрлале експлозивни направи кон нив.

Мигрантите за Би-би-си раскажувале за тешките и застрашувачки обиди за минување на границата ноќе, а меѓу нив имало жени и деца.

-Пукањето траеше долго. Не ни забележав дека ме погодија, но кога се обидов да станам и да одам, не можев да почувствувам дел од ногата, изјави Мустафа Суфиа Мохамед (21) за Би-би-си, додавајќи дека видел убиени луѓе од неговата група додека ја преминувале границата.

Тоа бил „брутален и хаотичен“ крај на опасното тримесечно патување во кое тие се соочиле со глад и насилство од рацете на јеменските и етиопските шверцери.

Во тоа пукање Мустафа го загубил стапалото, а подоцна му била ампутирана ногата до коленото. Сега живее со своите родители во Етиопија и оди со патерици и со помош на протеза.

-Отидов во Саудиска Арабија за да го подобрам животот на моето семејство, но она на што се надевав не се случи. Сега моите родители прават се за мене, додаде тој.

Според податоците на ОН, повеќе од 200.000 луѓе годишно се обидуваат да стигнат до Јемен по море, а потоа да отпатуваат во Саудиска Арабија.

Организациите за човекови права известуваат дека многумина се соочуваат со затворски казни и тепања на патот.

Во Јемен, главните миграциски маршрути се преполни со гробови на луѓе кои загинале на патот.

-Тоа што го документиравме во суштина е масовно убиство, изјави главниот автор на извештајот, Надла Хардман, за Би-би-си.

Оддалеченоста на граничните премини и тешкотиите да се најдат преживеани го оневозможуваат прецизното утврдување колку луѓе загинале, додаде тој.

-Ние велиме минимум 655, но веројатно се неколку илјади од нив. Ние всушност покажавме дека злоупотребите се широко распространети и систематски и можат да бидат злосторство против човештвото, изјави Хардман. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан