Саар: Израел нема да прифати турски вооружени сили во Газа
- Израел нема да прифати присуство на турски вооружени сили во Газа според планот на САД за конечно ставање крај на војната на палестинската територија, изјави израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар.
Будимпешта, 27 октомври 2025 (МИА) – Израел нема да прифати присуство на турски вооружени сили во Газа според планот на САД за конечно ставање крај на војната на палестинската територија, изјави израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар.
- Земјите кои сакаат или се подготвени да испратат вооружени сили треба да бидат барем фер кон Израел, рече Саар на прес-конференција во Будимпешта.
Некогаш топлите турско-израелски односи драстично се влошија, откако турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја нападна воздушната и копнена воена интервенција на Израел, споредувајќи ги неговите дејства со оние на нацистите и обвинувајќи ја земјата за геноцид, пренесе Тајмс оф Израел.
- Турција, предводена од Ердоган, предводеше непријателски пристап против Израел, вклучувајќи не само непријателски изјави, туку и дипломатски и економски мерки, рече Саар, зборувајќи заедно со неговиот унгарски колега Петер Сијарто.
- Затоа не е разумно да им дозволиме на нивните вооружени сили да влезат во Појасот Газа и нема да се согласиме на тоа, а тоа им го кажавме и на нашите американски пријатели, додаде шефот на израелската дипломатија. јт/
Фото: ЕПА