• понеделник, 04 ноември 2024

Сè уште не е санирано свлечиштето на патот во село Свињиште

Сè уште не е санирано свлечиштето на патот во село Свињиште
Кичево, 4 февруари 2022 (МИА) - Свлечиштето што се појави пред осум месеци на локалниот пат во село Свињиште и кој води до прочуените минерални извори со лековита вода, сè уште не е саниран. Жителите од ова село на 10 километри од Кичево реагираат дека за проблемот воопшто нема интерес кај локалната самоуправа да се санира. - Свлечиштето што се појави на патот, во должина од десет метри кој води низ нашето село, придонесе патот да се стесни на помалку од два метри, каде освен пеш невозможно е да се помине со запрега или со патничко моторно возило, вели Зоран Трајаноски, жител на село Свињиште. Како што вели тој, токму поради недоволната ширина и опасноста да дојде до излетување од коловозот, претставници од месната заедница од село Свињишта биле и во Дирекцијата за рурален развој во Скопје да побараат помош за санирање на ова свлечиште, но до денес, како што посочи, состојбата не е променета. Тој посочи дека не можат да донесат дрва од шумата поради малата ширина на патот, а граѓаните кои доаѓаат да наполнат вода од изворите, не се во можност да дојдат со возило или приколка за да ги натоварат поголемите количества на минерална вода која ја полнат за подолг период и како вообичаено практикуваат. - Поради овој проблем не можеме нормално да функционираме, не можеме со товар да поминеме на овој дел од патот, но ако во догледно време не се поправи патот на овој дел стравуваме дека ќе дојде до уште поголемо оштетување, што ќе предивика жителите од овој дел од селото да бидат отсечени од останатиот дел, па дури да не можат и пеш да поминат по патот што води за Кичево, додава Трајаноски. за/мс/

Остани поврзан