Руте: Сојузниците на НАТО ќе мора да ја засилат безбедноста на Арктикот
- Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денеска изјави дека рамковниот договор за Гренланд што го договори со американскиот претседател Доналд Трамп подразбира дека сојузниците на НАТО ќе мора да ја засилат безбедноста во областа на Арктикот.
Давос, 22 јануари 2026 (МИА) – Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денеска изјави дека рамковниот договор за Гренланд што го договори со американскиот претседател Доналд Трамп подразбира дека сојузниците на НАТО ќе мора да ја засилат безбедноста во областа на Арктикот.
Руте на маргините на Светскиот економски форум во швајцарскиот град Давос рече дека првите резултати од зголемувањето на безбедноста на Арктикот ќе бидат видливи во текот на оваа година.
- Ќе се собереме во НАТО со нашите високи команданти за да разработиме што е потребно. Не се сомневам дека тоа можеме да го направиме прилично бргу. Секако, се надевам во 2026 година, се надевам дури и на почетокот на 2026 година - рече Руте. Тој истакна дека сега командантите на НАТО треба да ги разработат деталите за дополнителните безбедносни барања, како и дека е сигурен оти членките на НАТО, кои не се блиску до Арктикот, исто така ќе сакаат да придонесат.
Руте рече дека за време на разговорот со Трамп не била иницирана темата за експлоатација на критичните минерали на Гренланд. Според него, напорите за засилување на безбедноста на Арктикот нема да влијаат врз ресурсите за поддршка на Украина во нејзината војна со Русија. Истакна дека специфичните преговори за Гренланд ќе продолжат меѓу Соединетите Американски Држави, Данска и Гренланд, кој е автономна данска територија.
Руте рече дека со Трамп разговарал и за тоа како да се осигури безбедноста на седумте арктички земји и како може да се осигури НАТО да го обезбеди Арктикот.
- Разговаравме како да се осигури дека Русите и Кинезите нема да добијат пристап до гренландската економија или во воена смисла - додаде Руте. јт/
Фото: ЕПА