• недела, 22 декември 2024

Русија испрати систем за противвоздушна одбрана и 100 воени инструктори во Нигер

Русија испрати систем за противвоздушна одбрана и 100 воени инструктори во Нигер

Дакар, 12 април 2024 (МИА) - Русија испрати систем за противвоздушна одбрана и 100 воени инстрктори во Нигер, во Западна Африка, јави ДПА.

Воениот персонал од руското Министерство за одбрана треба да го инсталира системот и да ги обучи војниците на Нигер за неговата употреба, јави нигериската државна телевизија РТН (RTN) доцна синоќа.

На овој потег му претходеше телефонски разговор меѓу шефот на воената хунта Абдурахамане Тчиани и рускиот претседател Владимир Путин, на крајот на март, додава германската агенција. Двајцата разговараа за „зајакнување на меѓусекторската и сеопфатна стратешка соработка меѓу Нигер и Русија за справување со актуелните закани, особено на безбедносното поле“.

До воениот удар минатиот јули, Нигер беше последниот демократски сојузник на САД, Франција и другите европски земји во борбата против исламистичките милиции во регионот Сахел, каде што џихадистите и натаму имаат големо влијание.

Во март, хунтата ја прекина воената соработка со САД во борбата против тероризмот.

Германските вооружени сили управуваат со воздухопловна база во Ниамеј, чија иднина се уште е нејасна.

Државната телевизија прикажа слики од руски авион „Иљушин-76“ како слетува на аеродромот во Ниамеј.

-Тука сме да ја обучиме армијата на Нигер користејќи ја воената опрема што пристигна, рече маскиран маж со светла кожа во воена униформа со силно акцентиран француски нагласок.

 

Како и неговите соседи Мали и Буркина Фасо претходно, и Нигер се оддалечува од западните партнери, особено од поранешната колонијална сила Франција, и врти кон Русија. Сите три земји беа управувани од војската по државните удари.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан