• четврток, 04 декември 2025

Русија зазела погранични села во украинската област Суми

Русија зазела погранични села во украинската област Суми

Киев 27 мај 2025 (МИА) – Руските сили денеска зазедоа четири погранични села во североисточната украинска област Суми, само неколку дена откако рускиот претседател Владимир Путин издаде наредба за воспоставување тампон зона долж границата.

Руските сили се обидуваат да напредуваат подлабоко откако ги зазедоа тие села, соопшти началникот на воената управа на Сумска област, Олег Григоров, пренесе Бета.

Украинските сили се обидуваат да ја држат линијата, рече тој. Жителите на тие села претходно беа евакуирани и, како што кажа, нема закана за цивили.

Путин минатата недела ја посети Курската област за прв пат откако руската војска минатиот месец ги протера украинските сили од тоа подрачје. „Долгата граница останува ранлива на украински упади“, рече тогаш Путин. Тој додаде дека на руската војска ѝ наредил да создаде „безбедносна тампон зона“ долж границата, но не наведе други детали.

Путин пред една година рече дека руската офанзива во тоа време имала за цел создавање тампон зона во североисточната украинска област Харков.

Тоа, како што се наведува во Москва, би можело да помогне во заштитата на руската погранична област Белгород, каде Украинците често извршуваат напади. јт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан