Русија е најголемата закана за Европа, оценува данскиот министер за одбрана
- Русија претставува најзначајната закана за Европа, изјави денеска данскиот вицепремиер и министер за одбрана Трулс Лунд Поулсен на прес-конференција во Копенхаген, организирана по повод почетокот на данското претседателство со Советот на ЕУ.
Копенхаген, 2 јули 2025 (МИА) – Русија претставува најзначајната закана за Европа, изјави денеска данскиот вицепремиер и министер за одбрана Трулс Лунд Поулсен на прес-конференција во Копенхаген, организирана по повод почетокот на данското претседателство со Советот на ЕУ.
Поулсен истакна дека во наредните години се очекува оваа закана дополнително да се засили, при што главен приоритет на Европската Унија треба да биде зголемување на поддршката за Украина. Тој повика на укинување на бирократските пречки за зголемување на европското одбранбено производство.
- Мора да ја зајакнеме отпорноста и кон други закани, додаде Поулсен, посочувајќи дека соработката меѓу ЕУ и НАТО е врвен приоритет за данското претседателство.
Во врска со одлуката на Данска да воведе задолжителна воена служба и за жените, тој рече дека очекува позитивни резултати веќе следната година и дека има широка поддршка од парламентарните партии, и покрај почетните несогласувања.
Одговарајќи на новинарско прашање за интересот на американскиот претседател Доналд Трамп за Гренланд, Поулсен изјави дека долг период Данска не инвестирала доволно во таа автономна територија, но дека сега ставовите во јавноста се менуваат. „Иднината на Гренланд треба да ја одредат неговите жители“, додаде тој. ссм/
фото: ЕПА