• четврток, 26 декември 2024

Русија го заостри контроверзниот Закон за странски агенти

Русија го заостри контроверзниот Закон за странски агенти
Москва, 30 јуни 2022 (МИА) - Русија одлучи да го направи построг контроверзниот Закон за странски агенти. Отсега сите организации или поединци кои примиле каква било поддршка од странство или се под некаков облик на странско влијание, ќе бидат гледани како странски агенти. Законот стапува на сила на почетокот на декември. Тој е прифатен со мнозинство гласови во рускиот Парламент. Досега, руското законодавство можеше да прогласи невладини организации за странски агенти, само доколку се финансирале со пари од странство. Критичарите со недели предупредуваа на заострувањето, што сега се оствари. Постои страв од тоа руското правосудство да преземе уште повеќе политички мотивирани мерки против членови на опозицијата и неистомисленици, бидејќи новиот закон е формулиран прилично нејасно. „Сега навистина секој може да биде прогласен за странски агент“, пишува независниот портал Медуза, а и самиот со месеци се наоѓа во соодветниот регистар на руското Министерство за правда. Независни медиуми се жалат дека поради законот, изгубиле важни огласувачи и затоа повеќе не можат да се финансираат. На лица означени како странски агенти сега им е забрането да држат настава во руски училишта. Од почетокот на војната во Украина, Русија има сè порепресивен третман на критичарите во сопствените граници и на активистите за човекови права. Голем дел независни медиуми се блокирани или престанаа со работа поради притисок од властите, наведуваат медиуми. бд/сд/

Остани поврзан