• недела, 22 декември 2024

Рурална Коалиција ги презентираше резултатите од мониторинг на јавните набавки во општина Кичево

Рурална Коалиција ги презентираше резултатите од мониторинг на јавните набавки во општина Кичево
Скопје, 28 октомври 2022 (МИА) - Рурална Коалиција во периодот од април до октовмри го следеше процесот на јавни набавки на општина Кичево и ЈП „Комуналец“ - Кичево за 2021 година, при што го изработи и првиот мониторинг извештај на тема јавни набавки. Општината во периодот на мониторингот склучила 35 договори за јавни набавки во вредност од 2,7 милиони евра, а ЈП „Комуналец“ 61 договор во вкупна вредност од околу 1,7 милиони евра. Според Рурална Коалиција, просечниот број понуди на тендерите на Општина Кичево изнесува 3,71 што е над просекот во државата кој во 2021 година изнесува 3,31 понуда по тендер. Конкуренцијата во ЈП „Комуналец“ е под просекот во државата (2,93), но претпријатието има и загрижувачки висок удел на една понуда (34 отсто), што значи дека на секој трет тендер на ЈП „Комуналец“ е добиена по само една понуда. Кај Општина Кичево овој удел изнесува 17 отсто, но забележан е растечки тренд на отфрлање на доставените понуди што пак води и кон констатацијата дека постои оправдан ризик во овие тендери поради отсуството на конкуренцијата, цените можат да бидат повисоки од реалните на пазарот. Извештајот покажува дека во Општина Кичево во 2021 година се поништени 29 отсто од тендерските постапки, а кај ЈП „Комуналец“ 26 проценти. Овој показател говори за слабости во спроведување на постапките, но и за постоење ризик да се оди кон поништување на постапките за да се избегне склучување договор со одредена фирма. -Слабостите во планирањето на јавните набавки се манифестираат во честите измени на плановите за јавни набавки и нискиот процент на нивна реализација. Општина Кичево го сменила планот за јавни набавки за 2021 година два пати и реализирала само 61 отсто од него, а ЈП „Комуналец“ го менувало планот дури 15 пати и има процент на реализација од 68 отсто, но нема пракса за објавување на плановите за јавни набавки на веб-страниците на општината и јавното претпријатие. На овој начин отежната е можноста граѓаните да следат дали и како се одвива реализација на планираните тендери, рече извршна директорка на Рурална Коалиција, Лилјана Јоноски. Според неа, Општината и локалните претпријатија не го применуваат техничкиот дијалог како начин за транспарентна комуникација со потенцијалните понудувачи и намалување на можноста за ограничување на конкуренцијата преку примена на несоодвента тендерска документација. Електронската аукција е сведена на минимум во примената од страна на Општина Кичево, додека пак локалното јавно претпријатие ја планирало во 38 отсто од тендерите. Ова е во согласност со насоките на Бирото за јавни набавки за ограничување на примената на овој механизам. -Економските оператори се жалат на постапките за јавни набавки на општината и јавното претпријатие, а дури половината од нив се прифатени од Државната комисија за жалби за јавните набавки. Известувањата за реализиран договор се под очекуваниот број. Општината во првите 8 месеци од годинава доставила известување дека се реализирале само една третина од склучените договори во 2021 година. ЈП Комуналец има доставено известување за реализиран договор кај 62 отсто од склучените договори. Општина Кичево и ЈП Комуналец не ги објавуваат потребните информации поврзани со јавните набавки (огластите за јавни набавки, склучените договори и информациите за реализираните договори). Оваа пракса е неповолна ако се има предвид дека транспарентноста и отчетноста претставуваат алатки за промовирање на интегритетот и за спречување на корупцијата во јавните набавки, надополни Мартина Дојчиноска како проектна координаторка во организацијата и активно вклучена во процесот на мониторинг на јавните набавки, покажува Извештајот. Препораките за унапредување на процесот на јавните набавки се: Општина Кичево и ЈП „Комуналец“ да изготват интерен акт (процедура или упатство) за спроведување на јавните набавки во кој ќе се утврди начинот на постапување на вработените службеници и надворешните соработници во сите фази од процесот на јавните набавки во кои се вклучени и за начинот на постапување во случаи на пријавување корупција во јавните набавки. На овој начин, како што вели Јоноски, ќе се обезбеди следливост на процесот на јавни набавки и ќе се овозможи високо ниво на познавање на постапките и правилата од страна на сите вклучени во јавните набавки, што е особено значајно за вработените кои не се од областа на јавните набавки, а членуваат во комисиите за јавни набавки. - Да се почитува законската обврска секој економски оператор да има сертифицирано лице за јавни набавки затоа што во моментов општина Кичево е една од шесте опшини кои што немаат такво лице, односно му е истечена важноста на сертификатот, да се подобри процесот на планирање на јавните набавки, да не се прибегнува лесно и често кон поништување на постапката, да се спроведуваат интерни периодични и конзистентни анализи и оценки за резултатите од спроведените јавни набавки, кои ќе ги опфатат сите сегменти и фази во процесот на јавните набавки, почнувајќи од планирањето на набавките до целосната реализација на договорите, вклучително и извршените надворешни контроли, да се почитува временскиот рок во кој што треба да се донесе одлуката по објавениот оглас, како и секоја институција да назначува едно или повеќе лице кои ќе ја следат реализацијата на договорите за јавните набавки, се исто така дел од препораките, додава извршната директорка на Рурална Коалиција. Истражувањето е изготвено со помош на грант доделен преку проектот Заштита од корупција што го спроведува Центарот со граѓански комуникации со финансиска поддршка на Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје. Содржината на истражувањето е единствена одговорност на Рурална Коалиција. мч/са/

Остани поврзан