Руни: Добивав смртни закани по заминувањето од Евертон
- Поранешниот англиски фудбалски репрезентативец Вејн Руни обелодени дека добивал смртни закани кога во 2004 година го напушти Евертон за да се пресели во Манчестер Јунајтед.
Лондон, 12 декември 2025 (МИА) – Поранешниот англиски фудбалски репрезентативец Вејн Руни обелодени дека добивал смртни закани кога во 2004 година го напушти Евертон за да се пресели во Манчестер Јунајтед.
Руни потпиша за Јунајтед на 18-годишна возраст во трансфер вреден 27 милиони фунти откако одби рекорден договор од Евертон. Неговата одлука предизвика жестоки реакции кај навивачите на клубот од Ливерпул.
„Добивав закани со смрт. Куќата на моите родители беше исчкртана со графити и оштетена. Куќата на мојата тогашна девојка, а сега сопруга, исто така, беше исчкртана со графити“, рече Руни во најновата епизода од „Шоуто на Вејн Руни“ кое се емитува на Би-Би-Си Спорт.
Руни истакна дека во тој период било клучно да се остане ментално силен
„Заминувањето беше тешко затоа што се преселив во Манчестер Јунајтед, а соперништвото меѓу Ливерпул и Манчестер беше огромно. Но, секогаш имав став: „Не ми е гајле“. Знаев што сакам и како да го постигнам тоа“, додаде тој. ег
ФОТО: Икс