• понеделник, 23 декември 2024

Ружиќ: Дојавите за бомби во сите 23 средни училишта во Белград се лажни

Ружиќ: Дојавите за бомби во сите 23 средни училишта во Белград се лажни
Белград, 29 април 2022 (МИА) - По дојавите за поставени бомби во 23 средни училишта и гимназии во Белград, припадниците на Министерството за внатрешни работи интервенирале, извршиле проверки и утврдиле дека сите пријави се лажни, изјави министерот за образование, наука и технолошки развој Бранко Ружиќ, истакнувајќи дека училиштата и полицијата реагирале соодветно и брзо и учениците биле безбедни, јави дописникот на МИА од Белград. Министерот Ружиќ додаде дека по увидотот на МВР, учениците сукцесивно се вратиле на настава, а во училиштата чии ученици поради ваквата состојба биле вратени дома, часовите ќе бидат надоместени во наредниот период. - Припадниците на МВР ефикасно реагираа, а наставата во втора смена ќе се одвива редовно, изјави Ружиќ. Во 23 средни училишта и гимназија во Белград утринава пристигнала циркуларна електронска пошта за поставена бомба, за што веднаш биле известени МВР и БИА. Учениците и вработените беа евакуирани на безбедно, додека полицијата и нејзините стручни служби ги проверуваа наводите. МВР и БИА истражуваат кој го испратил меилот за бомбите, кој бил од една иста електронска адреса. об/паг/

Остани поврзан