ЕК длабоко загрижена за обвинувањата за унгарска шпионажа во Советот на ЕУ
- Извештајот дека шефот на унгарската дипломатија, Петер Сијарто, можеби пренесувал информации од министерските разговори зад затворени врати до својот руски колега е „длабоко загрижувачки“, изјави портпаролката на комисијата. „И очекуваме унгарската Влада да даде појаснувања“, додаде таа, пренесена од ДПА.
Брисел, 23 март 2026 (МИА) - Европската комисија денеска изрази загриженост поради тврдењата дека владата на унгарскиот премиер Виктор Орбан ѝ доставувала на Русија доверливи информации од ЕУ,пренесе ДПА.
Извештајот дека шефот на унгарската дипломатија, Петер Сијарто, можеби пренесувал информации од министерските разговори зад затворени врати до својот руски колега е „длабоко загрижувачки“, изјави портпаролката на комисијата. „И очекуваме унгарската Влада да даде појаснувања“, додаде таа.
„Вашингтон пост“, за време на викендот, повикувајќи се на поранешен унгарски разузнавач и безбедносни претставници од други европски земји - објави дека унгарската Влада со години доставувала информации до Москва за чувствителни дискусии во ЕУ.
Весникот наведе дека Сијарто редовно му се јавувал на својот руски колега Сергеј Лавров за време на паузите на состаноците на Европската унија за да го информира за содржината на тие разговори.
Во меѓувреме, унгарската Влада се обиде да го сврти вниманието кон фактот дека разузнавачките информации можеле да се добијат само со прислушување на комуникациите на Сијарто.
„Прислушувањето на член на владата е сериозен напад врз Унгарија“, напиша Орбан на Фејсбук.
Тој рече дека му наложил на својот министер за правда да ги истражи информациите поврзани со надзорот на Сијарто, потсети ДПА.сд/јт/
Фото:МИА архива