• петок, 22 ноември 2024

Рудник САСА добитник на наградата за најдобар систем за безбедност и здравје при работa за 2023 година

Рудник САСА добитник на наградата за најдобар систем за безбедност и здравје при работa за 2023 година

Македонска Каменица, 26 октомври 2023 (МИА) - Рудникот за олово и цинк САСА од Македонска Каменица е добитник на националната награда за најдобро имплементиран систем за безбедност и здравје при работa за 2023 година.

САСА освои најголем број поени во оценувањето на системите и применетата практика за безбедност и заштита при работа во компаниите, што го изврши специјална комисија составена од стручни лица од оваа област и лекари по медицина на трудот.

За своите континуирани напори и инвестиции во креирањето здрава и безбедна средина за вработените, на САСА како што соопштија од компанијата ѝ беше врачена награда на настанот со кој се одбележа Европската недела за безбедност и здравје при работа.

-Безбедноста била и ќе остане примарен и највисок приоритет за САСА. Сакаме да осигуриме безбедно и здраво работно опкружување за сите наши вработени, изведувачи и посетители и затоа постојано и решително работиме на остварување на заедничката цел - нула повреди со загубено работно време во САСА. Охрабрени сме од нашите досегашни постигнувања во областа на безбедноста и условите за работа. Тие се резултат на ангажманот и залагањата на сите вработени, како и на континуираните вложувања на компанијата во примената на највисоките стандарди за безбедност во оваа индустрија. Очекуваме дека со реализација на капиталните инвестиции во технологија и нова опрема, како и во дигитализација на процесите, дополнително ќе ги унапредиме условите за работа и безбедноста на целиот рудник“, изјави генералниот директор на САСА, Кристофер Колбурн.

Во изминатите шест години од влезот на компанијата Централ Азија Металс во САСА се направени значајни вложувања во обезбедување добри услови за работа и набавена е нова заштитна опрема за сите вработени. 

Воведени се и современи процедури за безбедност и превенција од повреди при работа, како и дополнителни обуки кои редовно се спроведуваат од тимот задолжен за безбедноста и од надворешни експерти, со цел да се осигура дека секој вработен во САСА е подготвен да се грижи за сопствената и безбедноста на своите колеги. 

Заради подобрување на способноста за одговор при итни случаи во рудникот, изградени се и специјални комори за спасување кои се опремени со најсовремена опрема, а формиран е и посебен тим за безбедност и спасување чии членови континуирано се обучуваат за најновите безбедносни техники. вс/ир

Фото: МИА

Остани поврзан