Росоман формира комисија за штетите кај овошките од пролетни ниски утрински температури
- Општина Росоман формира комисија за утврдување на штетите кај овошките од пролетни ниски утрински температури, потврди попладнево за МИА росоманскиот градоначалник Стојан Николов. Во тек е пријавувањето на штетите од страна на овоштарите.

Росоман, 11 април 2025 (МИА) - Општина Росоман формира комисија за утврдување на штетите кај овошките од пролетни ниски утрински температури, потврди попладнево за МИА росоманскиот градоначалник Стојан Николов. Во тек е пријавувањето на штетите од страна на овоштарите.
- Според првичните согледувања на терен, штетите кај овошките се главно околу деведесет проценти, некаде, за жал и стопроцентни. Мрзнење има и во Црноречието, но и на другите места. Атарот на Росоман, но и во атарите на росоманските села Сирково, Трстеник, Манастирец. Штетите се огромни, поголеми и од тие во 2021 година. Штети има кај праските, бадемите, сливите, кајсиите, црешите, вишните, мал дел кај лозјата, посочи градоначалникот.
Ниски пролетни утрински температури го зафатија Тиквешко пред неколку дена. Станува збор за најголемиот регион за производство на грозје и праски во државата. Општините Кавадарци и Росоман објавија јавни повици за пријавување на штети од страна на земјоделците.
- До 18 овој месец е пријавувањето на штети. Потоа комисиите на терен ќе ја утврдат фактичката состојба и ќе извршат проценки. Проценките за штети потоа се усвојуваат на Совет на општина и се испраќаат до комисијата за проценки во Влада, за обесштетување на земјоделците, подвлече Николов. свд/са/
Фото: МИА