• петок, 02 јануари 2026

Романската полиција објави прирачник „Вештачка интелигенција и манипулација со човечката перцепција“

Романската полиција објави прирачник „Вештачка интелигенција и манипулација со човечката перцепција“

Букурешт, 2 јануари 2026 (МИА) – Романската полиција објави прирачник насловен „Вештачка интелигенција и манипулација со човечката перцепција“, чија цел е едукација на населението за механизмите за ширење лажна содржина, како и начинот на кој луѓето се однесуваат во информациските „балони“.

- ВИ е веќе дел од нашиот секојдневен живот. Таа ни помага да бараме информации, полесно да работиме и побрзо да комуницираме. Во исто време, може да влијае на она што го мислиме, чувствуваме и избираме, честопати без да го сфатиме тоа. Живееме во дигитална средина каде што пораките се приспособени на секој од нас, реакциите се предвидуваат, а содржината се „филтрира“ според интересите што системите ги детектираат во нашето онлајн однесување, се наведува во соопштението од романската полиција.

Прирачникот е објавен на романски и на англиски јазик и објаснува како можат да се создадат лажни слики и гласови (deepfakes), како изгледаат пораките или разговорите генерирани од ВИ, како емоциите можат да се користат за да се влијае врз нашите одлуки или како на крајот добиваме содржина „приспособена на нашиот вкус“ преку алгоритамска персонализација.

- Манипулацијата денес повеќе не е отворена или очигледна. Таа е суптилна, персонализирана и внимателно пресметана. Многу пати, таа дури се потпира и на трагите што ги оставаме онлајн: што бараме, што нè плаши, што нè привлекува и што нè прави среќни. Затоа прирачникот не само што предупредува, туку нуди и едноставни решенија: правила за дигитална хигиена, предлози за критичко размислување и практични препораки за родители, ученици, наставници и секој корисник на интернет. Целта е секој од нас да премине од улогата на „пасивен корисник“ во улога на информиран и свесен корисник, се истакнува во соопштението.

Прирачникот е подготвен од специјалисти за кибербезбедност, дигитално образование и спречување на компјутерски криминал во рамките на романската полиција, Националната дирекција за сајбер безбедност, Националниот центар за сајбер истраги во рамките на Романската разузнавачка служба и романската филијала на „Cloud Security Alliance“.

Според нив превенцијата не може да се постигне сама и бара соработка меѓу властите, училиштата, семејствата и заедницата.

- Само заедно можеме да изградиме побезбедна онлајн средина, да ја препознаеме манипулацијата и да ја зголемиме отпорноста кон ризиците во дигиталниот простор. Останете информирани, поставувајте прашања, проверете ги вашите извори. Онлајн безбедноста започнува од секој од нас, наведе романската полиција. ми/ссм/

фото: МИА архива

Остани поврзан