• понеделник, 23 декември 2024

Романот „Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски објавен на српски јазик

Романот „Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски објавен на српски јазик

Скопје, 13 октомври 2022 (МИА) - Романот „Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски неодамна излезе на српски јазик. Преводот е на Милена Илиќ, а книгата ја објави издавачката куќа „Тречи трг“ од Белград. Авторка на дизајнот на корицата е Дина Радоман.

Српското издание на романот беше промовирано во рамки на 16-то издание на Белградскиот фестивал на поезијата и книгите, кое се одржа од 6 до 8 октомври. На фестивалот, покрај Владимир Јанковски, учествуваа и писатели од Норвешка, Шпанија, Шведска, Австрија, Хрватска, Црна Гора и Србија.

Скриени желби, немирни патувања“ е мозаичен роман во кој приказните на педесетина луѓе од различни меридијани се комбинираат со приказните на четири лика што живеат во Скопје. Ова е роман за пресекот меѓу личното и надворешното, роман за начинот на кој атмосферата и ситуациите ги обликуваат нашите внатрешни пејзажи, роман за потребата да се раскажуваат приказни и да се наоѓа блесокот и лагата во нив.

Според критичарката Александра Јуруковска, „средбата со ‘Скриени желби, немирни патувања’ е едно, по многу нешта, необично читателско искуство. Книга не многу долга и голема по бројот на страници, но огромна по бројот на приказни, а уште повеќе по можностите за интерпретација. Во книгата се крие и цел слој од кроки-приказни, скици за други приказни, приказни од фиока и цел куп книжевни замки и заемки од многу книжевни жанрови (кус-кус расказ, хаику, новела), но и другите уметности, а најмногу од филмот.“ дма/сп/

Остани поврзан